Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предложи два важни предлог-закони за геологија и за рударство, кои предизвикаа цунами од реакции меѓу граѓаните и екозаедницата. Под изговор на „стратешки проекти“ и „одржлив развој“, власта отвора врата за влез на експлоататори на руда, односно критични минерални суровини, како литиум, бакар и кобалт, потребни за исполнување на целите од зелената агенда на ЕУ.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) соопшти дека за новиот Закон за рударство кој уште во рана фаза беше јавно објавен на платформата ЕНЕР со цел да биде достапен за увид и анализа од сите засегнати страни, резултираше со исклучително голем одзив и пристигнаа над 100 предлози.
Јавноста имаше можност во период од 30 дена да го разгледа првичниот текст на Законот за рударство, кој беше јавно објавен на платформата ЕНЕР. Јавниот увид траеше до 28 август 2025 година, а во овој период пристигнаа бројни мислења, предлози и забелешки од компании, институции, стручната и граѓанската јавност.
Пишува: Орце КОСТОВ
Во екот на борбата за зачувување на животната средина и разгорените екобитки за хидроцентралите на Дошница, загадувањето на езерото Младост, поморот на риби во Тополка, за кој ОЈО отвори предмет, излевањето цијанид во Крива Река, протестите против масовната сеча во Преспа над Љубојно, како и предупредувачките протести против рудниците за мермер во Прилепско, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предложи два важни предлог-закони за геологија и за рударство, кои предизвикаа цунами од реакции меѓу граѓаните и екозаедницата.
Со овие закони, кои за Министерството се современи и стратешки, се заменува постоечкиот Закон за минерални суровини.
Законот е целосно усогласен со европската регулатива. Предлог-законите се во согласност со најдобрите европски практики и ја транспонираат REGULATION (EU) 2024/1252 од 11.4.2024 година, велат од Министерството, а двата предлози се достапни на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи), каде што ќе бидат до 28.8.2025 година, за јавен увид и разменување мислења, предлози и забелешки од сите засегнати страни.
„Ги повикуваме сите чинители: експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци – активно да се вклучат. Ова е можност за сите засегнати страни да влијаат врз креирањето правила што ќе го уредат секторот на геологија и рударство на долгорочно ниво. Целта е заеднички да се изгради најдобро можно законско решение, кое ќе обезбеди: подобра заштита на животната средина и строги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини“, велат од Министерството.
Според новиот закон, инвеститорот ќе има обврска за санација и рекултивација на терените по завршувањето на рударските активности, но и можност за преработка и искористување на минералната суровина од старите одлагалишта.
Најголемиот дел од надоместоците за минерални суровини и приходите од рударството да остануваат во општините каде што се врши експлоатацијата, компаниите ќе имаат обврска да инвестираат во социјалниот развој и заедниците ќе бидат вклучени во процесот на одлучување.
Министерството се надева дека со овие закони ќе се постигнат поголема контрола и транспарентност, односно јавноста ќе има поголем увид во процесот на доделување концесии, државата ќе има поголема економска корист преку повисоки такси и рударски надоместоци, концесионерите ќе имаат подефинирани права и обврски, ќе се спречи нелегалната експлоатација и незаконското ископување.
КРИТИЧНИ МИНЕРАЛИ
Најголемата промена ќе биде прифаќањето во домашното законодавство на директивите на Европската Унија, кои се однесуваат на критичните минерални суровини и таканаречени стратешки проекти во рударството.
Поконкретно, усогласувањето е со минатогодишната директива на ЕУ, која цели кон енергетска независност на Унијата од трети земји, особено за минерали, како што се литиумот, бакарот, кобалтот и други минерали што се неопходни за исполнување на целите од зелената агенда.
Односно, за снабдување со критични материјали без кои не би можело да се градат ветерници, електрични возила и генерално да се создава зелена енергија, а за што ЕУ во најголема мера зависи од Кина и од САД. Согласно новото законско решение кај нас, пристапот до стратешките минерални суровини е од суштинско значење за економијата на државата.
Со новиот закон, Министерството ќе се обврзе да изработи листа на стратешки минерални суровини и листа на критични минерални суровини, кои владата ќе може да ги ажурира на секои три години.
„Листата на стратешки минерални суровини ќе вклучува, од проценетите суровини, суровини што се меѓу највисоките во однос на стратешкото значење, предвидениот раст на побарувачката и тешкотијата за зголемување на производството“, се истакнува во новиот нацрт-текст.
По чекорите на Европската Унија, и Македонија ќе се приклучи кон идејата за т.н. стратешки проекти. Со новите решенија кај нас, се изготвуваат критериуми за препознавање стратешки проекти, но ќе се формира и комисија, која ќе постапува по барањата, а во фокусот ќе биде поставена заштитата на животната средина и почитување на човековите права, особено во случај на присилно преселување на населението доколку во населеното место има руда од стратешки интерес.
„…Проектот би се спроведувал одржливо, особено во однос на мониторингот, превенцијата и минимизирањето на влијанијата врз животната средина, спречувањето и минимизирањето на социјално негативните влијанија преку употреба на општествено одговорни практики, вклучувајќи почитување на човековите права и работничките права, особено во случај на присилно преселување, потенцијал за квалитетно создавање работни места и релевантен ангажман на локалната заедница, адекватни политики за усогласеност за да се спречат и минимизираат ризиците од негативни влијанија врз правилното функционирање на јавната администрација, вклучително и корупција и мито“, се потенцира во Законот.
Покрај Македонија, во утврдувањето одреден проект како стратешки, улога ќе има и Европската комисија.
„Доколку Република Северна Македонија не се согласи предложениот проект да добие статус на стратешки проект, него го одбива Европската комисија“, се додава во предлог-текстот.
Од листата на критични минерални суровини што ја изготви Европската Унија, според геолошките истражувања, Македонија најмногу може да се пофали со бакар, но инвестициите најчесто се соочуваат со низа бариери.
РУДАРСКА КОЛОНИЈА
Првите жестоки реакции стигнаа од зелените движења „Спас за Прилеп“ и „Зелена народна стража“. Според нив, со овој закон правно се поништува народната волја и води кон „еколошка катастрофа што ќе нѐ погоди сите, без разлика дали живееме до рудник или во главниот град!“
Македонија сме ние, народот и ова парче плодна земја на кое живееме.
–Овие планини, полиња, шуми, реки, извори на сѐ она што ни го дава животот во неа. Поради тоа, Македонија не ја даваме! Концесии од пола век за рудници нема да има, порачаа оттаму.
„Спас за Прилеп“ лани ја имаа најголемата битка за чување на природните богатства, блокирајќи пат 280 дена на „Бехтел и Енка“, конзорциумот кој го гради автопатот Прилеп – Битола.
Изведувачот на терен вршеше минирање и правеше ископи што предизвика револт кај локалното население, кое заедно со екоактивистите го блокираше природниот пат кон наоѓалиштето на камен, исплашени дека активностите ќе им ги загрозат изворите за вода за пиење и нивните домови.
– „Бехтел и Енка“ се вратија повторно на месноста Каракамен од каде што ги избркавме на почетокот на 2024 година под притисок на јавноста. Карактеристично за локалитетот е што е единствен од геолошко значење затоа што на територија на 4 квадратни километри се наоѓа таква концентрација на минерали, повеќе од 50 видови минерали и кристали, тоа го нема никаде во светот. Наместо да направиме туристичка атрактивна зона и за луѓето од научниот свет, ние дозволуваме да дојде некојси да ни го раскопа тоа. Таму е најден за првпат во светот кристалот наречен Македонит, вели Ѓорѓи Георгиоски од „Спас за Прилеп“, за „Фокус“.
Изведувачот на патот Прилеп – Битола повторно почна со експлоатација. Од „Бехтел и Енка“ велат дека се копа тампон или технички градежен камен.
–Тоа што е жешка точка за тој ископ, утробата на овој локалитет крие количества ураниум и ториум, кои се радиоактивни хемиски елементи. Геолозите предупредуваат дека доколку се дозволи ископ на тој рудник, би настанала голема радијација во Пелагонија. Прилеп е во близина на 4 км воздушна линија. Работата е што ова не е на трасата, никој не им пречи таму каде што градат автопат. Овие викаат тргнете се, копаме тампон за руда, а тампонот за руда е геолошки локалитет со единствено значење во науката. Тоа нема врска со трасата каде што минува автопатот. Познавајќи ги кои се, тие тука се дојдени за рударски грабеж. Деведесет проценти од минералното богатство се наоѓа во Прилеп и околината, додава Георгиоски.
Новиот предлог-закон за експлоатација на ретки минерали од стратешко значење, според екоактивистите, има за цел законски да го обезбеди грабежот на земјава.
–Ситуацијата со животната средина ќе биде катастрофална. Прилеп во моментов има 34 активни рудници и тој е најрударски град. Имаме сериозни проблеми со нарушена животна средина. Јас сум сигурен доколку населението седи мирно, би се отвориле уште десет нови за неколку месеци, инвазијата е сериозно отпочната и темпото е многу брзо. Имавме предупредувачки протест пред рудниците за мермер и сега ќе видиме, има голема енергија да ги блокираме и да ги затвориме сите рудници, најави Георгиоски во разговор за „Фокус“.
Двете екоорганизации не го прифаќаат предлог-законот поради неколку спорни точки:
„1. Централизација на одлуките – владата ќе ја има клучната улога да определува кои минерални суровини се „стратешки“ и „критични“ (член 5). Тоа значи дека без никаква јавна дебата или независна експертска проценка, една политичка гарнитура може да прогласи која било суровина за стратешки интерес и да ја отвори вратата за експлоатација!
- Долг рок на концесии и нивно продолжување – концесиите за експлоатација ќе можат да траат 30 години плус уште 30 години продолжување (член 11). Практично, тоа значи дека едно приватно (домшано или странско) правно лице може да стопанисува со ресурси и територии од Македонија повеќе од пола век! Ова е опасно бидејќи ја заклучува судбината на цели региони за генерации, без реална можност граѓаните подоцна да ја променат одлуката!
- Експропријација на приватно земјиште – член 10 дозволува доделување концесии и на приватно земјиште, при што инвеститорот може да поведе постапка за експропријација. Тоа директно удира по правото на сопственост на граѓаните! Дозволена експропријација на приватно земјиште значи дека, и покрај тоа што си сопственик на земјиште, можеш да бидеш иселен од својот имот ако државата реши дека под тебе има руди и треба да се отвори рудник (во име на „стратешки интерес“). Со тоа, граѓаните се соочуваат со ризик не само да го загубат својот имот, туку и да живеат покрај рудници со токсична прашина, експлозии и токсични јаловишта.
- Привилегии за државни и странски компании – член 13 предвидува дека јавни претпријатија и компании со државно учество (сите државни/државно контролирани фирми) ќе можат да добијат концесија без јавен повик! Тоа отвора врата за политички влијанија и клиентелизам. За државни/општински патишта, хидрообјекти и „европски коридори“, концесијата оди по барање, без класичен натпревар; а по склучувањето договор, експлоатацијата почнува веднаш, без посебна дозвола за експлоатација (член 14 (9)). Дополнително, странски компании со подружници регистрирани во Македонија имаат исто право како домашните фирми, што значи дека богатството на земјата може лесно да се изнесува надвор!
- Исклучоци за опасни рударски технологии, јаловишта и „исцедок“ – член 8 (став 5) забранува концесии со лужење/флотација со цијаниди и сулфурна киселина во нови рудници со отворен коп, НО ја дозволува практиката за веќе постојните рудници (став 6). Тоа создава „двојни стандарди“ и дозволува опасни технологии да продолжат да се применуваат!
Вака поставениот закон ги остава вратите отворени за ризик од пукање јаловишни брани; контаминација на подземни/површински води; тешки метали во нашата почва и вода; респираторни заболувања, дерматолошки проблеми и неповратна загуба на биодиверзитет!
- Уништување на животната средина и рударство како трајна еколошка закана – законот признава „загадување“ и дека рударството произведува огромни количества јаловина и токсичен отпад, но наместо превенција, нуди само управување со „ризик“ и ги остава вратите широко отворени за ризикот од кој се плашиме да се случи! Рударските јаловишта и таложни езера се вистински еколошки бомби, кои можат да пукнат и да предизвикаат трајно загадување на цели региони. Во светот има бројни трагедии каде што вакви системи се урнале и уништиле цели реки и села неповратно!“, стои во нивната анализа на предлог-законите.
За екодвижењата, овој предлог-закон е неприфатлив, двосмислен и практично ги застапува интересите на рударските компании од странство на кои им се дава моќ да одлучат кои се критични минерали.
„Не постојат апсолутно никакви аргументи или економски параметри рударството да биде стратегиски интерес на Македонија. Македонија е премногу мала територија за да може да издржи рударски комплекси, кои недвосмислено ја уништуваат животната средина во голем радиус и го дестимулираат земјоделството, предизвикувајќи огромни економски загуби. Профитите од земјоделството (со придружни лесни индустрии), особено за нашата држава се неспоредливо поголеми од оние од рударството, велат од здруженијата.
Тие додаваат дека потенцијалот на земјоделството во Македонија е немерлив.
„Светот се движи во насока во која производството на здрава храна ќе има доминантна улога во (гео)економијата, а земјите што имаат компаративни геоклиматски предности ќе имаат можности за извонреден економски, а со тоа и општествен развој. Рудниците се смртен непријател на таквиот развој. Граѓаните и на локални референдуми, и низ протести, и низ јавната сфера убедливо се изјаснија против рудниците на смртта.
Таканареченото „одржливо искористување” („одржливи рудници”) е апсолутен оксиморон. Освен геотермални води и подземни гасови, ништо друго, ниту металични, ниту неметалични минерали, не се обновува во почвата, па да биде наречено „одржливо“, стои во заклучоците на здруженијата.
Тие предлагаат член 1 од Законот да гласи:
„Во Македонија е забранета изградба на рудници за металични минерални суровини. Забрането е рестартирање на старите рудници. Забраната е трајна. Забраната може да се измени само со национален референдум, или во случај на војна. Притоа, се ископуваат количества металични минерали само за домашни потреби, под контрола на државата.“
МАКЕДОНСКИ РИО ТИНТО
Новите закони за рударство и геологија, претставени како „усогласување со европските стандарди“, претставуваат директна опасност за претворање на Македонија во рударска колонија на Европската Унија, сметаат од политичката партија Левица.
Под изговор на „стратешки проекти“ и „одржлив развој“, власта отвора врата за уништување на македонските планини, реки и почви, овојпат легализирано и со европско знаменце.
–Ископот на ретки минерали, особено литиумот, е меѓу најзагадувачките индустриски процеси во светот. Секое рударско постројување значи исчезнување на природата: реките стануваат мртви канали, земјата неплодна, воздухот канцероген. Доволно е да се погледне примерот во Србија, каде што проектот на „Рио Тинто“ предизвика масовни протести поради ризикот од уништување на целиот екосистем. Во Чиле и во Боливија, локалното население веќе живее со недостиг од питка вода поради трошење милиони литри за обработка на рудата, предупредуваат од Левица.
Од таму порачуваат дека Законот не значи „затворање на дивите рудници“, туку нивна легализација и замена со концесионери, кои, со благослов на власта, ќе ги експлоатираат земјата и народот.
-Зад „зелените“ пароли стои црната вистина: отворање пат за оживување на проектите во Иловица и Штука, нешто што граѓаните веќе јасно го одбија. Она што сега се прави е исто како во Србија: распродавање концесии на странски корпорации, кои зад себе оставаат пустош, загадена вода и неплодна почва. Тоа не е развој, туку национално предавство и трајна еколошка катастрофа.
Левица бара власта веднаш да се откаже од намерата за донесување вакви штетни закони. Нема цена со која може да се замени чистата вода, плодната земја и здравјето на нашите деца. Македонија не смее да стане рударска колонија, велат од Левица.
МИНЕРАЛИ ЗА ЗЕЛЕНА ТРАНЗИЦИЈА
Македонија, во последниве години има отворено само еден рудник, и тоа со цел да го продолжи векот на работење на компанија, која има носечка улога за локалната економија каде работи. Повеќето иницијативи за нови рудници се заглавдени во административни лавиринти и спорни постапки.
Остана нереализирана инвестицијата за рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој неофицијално веќе го има добиено спорот против Македонија во меѓународна арбитража. Претходно не се оствари ниту проектот за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“. Засега единствено тапка во место инвестицијата на „Еуромакс ресоурцес“, во проектот за рудник за бакар во Иловица.
Рударството создава позитивен трговски биланс од околу 200 милиони долари годишно, од кои над 75 проценти се однесуваат на извозот на метални руди. Секторот има значајно учество во индустриското производство со 22,36 отсто. Денес во оваа гранка се вработени околу 3.800 лица, а според ресорното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), околу 8.000 работни места во државава се во рударството и вадење камен.
Експертските проценки говорат дека Македонија има солиден потенцијал во олово, цинк, бакар и злато, со нус-производи, како сребро и германиум (во Pb-Zn), како и платината и паладиумот. Елементи што се дел од европската стратегија за критични суровини за зелената транзиција.
Владата ја задолжи МАНУ да изработи Стратегија за минерални суровини за периодот 2025-2045 за да го дефинира обемот и начинот на реализација на основните геолошки истражувања, како и одржливото искористување и потребите за експлоатација на минералните суровини, кои се од клучно значење за развојот на стопанството на Република Македонија. Документот детално го разработува искористувањето и експлоатацијата на природните ресурси во следните 20 години, при максимална заштита на природните особености на животната средина и на здравјето на луѓето со користење најсовремени паметни технологии, практики и знаења применети во најразвиените земји во светот.
Текстот е објавен на 22 август 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.559.