Најмалку две деца се убиени, а уште две се во критична состојба во пукотница во католичко училиште во Минеаполис, пренесуваат американските медиуми.
Шефот на полицијата во Минеаполис, Брајан О’Хара, изјави дека 17 лица се повредени во пукотницата, вклучувајќи 14 деца. Напаѓачот, исто така, се самоубил, соопшти полицијата.
О’Хара рече дека напаѓачот отворил оган низ прозорец кон децата што седеле на клупите за време на утринската миса. „Ова беше намерен чин на насилство врз невини деца и други луѓе што се молеле“, рече тој.
О’Хара рече дека напаѓачот на крајот влегол во просториите со пиштол и со пушки. Тој кажал дека осомничениот имал околу 20 години.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, напиша во објава на социјалните мрежи кратко по 10 часот наутро дека бил информиран за пукотницата.
„Се молам за нашите деца и наставници чија прва недела од училиштето беше нарушена од овој ужасен чин на насилство“, рече тој. Полицијата соопшти дека нема активна закана за заедницата во 10:29 часот по источно време.
Пукањето се случило во католичко училиште со ученици од предучилишна возраст до осмо одделение а според веб-страницата на училиштето, била закажана миса за сите училишта во 8:15 часот по локално време, пишуваат американските медиуми.