Пожарникарите во стари, политичарите во нови: Државата потроши 8,5 милиони евра за службени возила, а нула евра за противпожарни!

by mladen 20:24
20:24

Десет години, пожарникарите добиваат опрема само како донација од странски амбасади и од домашни компании наместо тоа да го обезбеди државата преку Централниот буџет. Но, затоа, државата лани потрошила над 8,5 милиони евра за нови службени автомобили. Истражување на Центарот за граѓански комуникации покажа дека недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години. Последната набавка, Дирекцијата за заштита и спасување ја направила во 2022 година, со купување 15 теренски возила со пумпи за гаснење пожари.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

 Речиси еден месец, пожарникарите водат битка со огнената стихија, која зафати делови од Македонија. Нивните услови за работа при гаснење на шумските пожари можеби не се најсоодветни за модерното време, но наоѓаат начин најпрофесионално да одговорат на повиците за помош, притоа ризикувајќи ги своите животи за да ги спасат животите на другите граѓани, материјалните добра и природата.

Голем дел од ангажираните пожарникари, повеќе од 40 часа неделно работат на терен и вложуваат натчовечки напори. Сепак, тие се само дел од единствениот систем за заштита од шумски пожари, во кој се уште Дирекцијата за заштита и спасување, вработените во ЈП „Македонски шуми“, општините, пожарникарите-доброволци, како и полициските и армиските сили во земјава.

Пожарите што лани зафатија широк дел од териториите на општините Неготино, Ново Село, Битола, Чашка, Велес и Прилеп и кои предизвикаа најголема штета досега во историјата на шумските пожари, требаше да бидат силен аларм за државата да го промени односот кон оваа служба. Институциите да почнат процес за реформирање на системот за заштита од пожари и набавка на нова соодветна опрема, каква што имаат пожарникарските единици од Бугарија, Грција, Словенија, Унгарија и од Хрватска кога ни доаѓаат на помош на гаснење на пожарите.

Но, наместо нарачки на нови возила, владата со донации од општествено одговорни компании пренамени запуштени специјални возила на МВР и на АРМ.

Премиерот Христијан Мицкоски, од полигонот во Пепелиште крај Криволак порача дека државата е поподготвена од кога било досега за справување со пожари, благодарение на акцијата за обнова и пренамена на полициски и армиски возила, кои стоеле запуштени повеќе од осум години.

-Ја видовте демонстрацијата – возила што не биле запалени со години, денес се во функција на заштита на животот и природата. Сезоната на пожари е веќе почната, но оваа година сме далеку подобро опремени, истакна Мицкоски.

Формирањето на Републичка пожарна бригада со запуштени возила, модифицирани за гаснење пожари наместо за одбрана, Мицкоски го претстави како голема заштеда на државата и како највисоко ниво на подготвеност на противпожарниот систем досега.

Според Мицкоски, со оваа активност, државата заштедила неколку десетици милиони евра, а капацитетите за интервенција се драстично зголемени. Во функција се ставаат и два полициски и два армиски хеликоптери, а до крајот на јули се очекуваат уште два противпожарни авиони.

–Во однос на минатото – нема споредба. Ова е највисоко ниво на подготвеност до сега, додаде премиерот, најавувајќи и засилени контроли и забрана за движење во шумски подрачја без дозвола, како дел од новите мерки за спречување пожари.

КОЛКУ ЧИНИ ПРЕНАМЕНАТА?

 „Фокус“ побара владата да одговори колку чинело дизајнирањето и пренамената на возилата од АРМ и МВР за да направи анализа колку државата троши за заштита од шумските пожари.

Но, оттаму рекоа само дека „ставањето во функција на 38 специјализирани возила претставува значаен чекор за зајакнување на капацитетите на државата за справување со пожари и други вонредни ситуации“.

–Возилата се дизајнирани во соработка со експерти од Машинскиот и Електротехничкиот факултет, со што се обезбедени технички решенија што одговараат на специфичните потреби на теренот. Возилата се термички отпорни и соодветни за интервенции во екстремни услови.

Станува збор за полициски и армиски возила, кои подолг временски период, повеќе од осум години, беа нефункционални и запуштени. Преку соодветна техничка адаптација, тие се пренаменети и ставени во употреба како возила за гаснење пожари на територијата на државата.

Истовремено, посочуваме дека за адаптацијата и ставањето во функција на овие возила е обезбедена преку поддршка и соработка на владата со општествено одговорни компании, со што како држава остваривме значајни буџетски заштеди во износ од неколку десетици милиони евра, а воедно се зголемени и интервенционите капацитети, велат од владата за „Фокус“.

Армиските возила, вкупно 10 што беа предадени на ДЗС, повеќе од 10 години биле надвор од употреба од страна на Армијата и надвор од нејзината материјална формација. Но, проценка на вредност на овие возила не е направена.

-Врз основ на Долгорочниот план за развој на одбранбени способности и НАТО целите на способност, Армијата се опремува со нови модерни возила, кои се целосно интероперативни со останатите сојузници. За да се изврши соодветна проценка на вредноста на овој вид возила, потребен е ангажман на надворешно стручно лице, а имајќи предвид дека овие возила беа надвор од материјалната формацијата на Армијата, истата не е направена, гласи одговорот од АРМ за „Фокус“ на прашањето која е вредноста на предадените возила.

До затворањето на неделникот не беше стигнат одговор од МВР во однос на проценетата вредност на возилата што тие ги предадоа на Дирекцијата за заштита и спасување.

ГРАНКАТА НЕМА ДА МУ БИДЕ ПОТРЕБНА НА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ

 Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов истакна дека ова лето државата е подготвена да се справи со пожарите.

–Ова лето гранката нема да ми биде потребна , рече Ангелов, алудирајќи на импровизираната одбрана од пожарите, кога едно од ланските видеа на кои гасне пожар со гранка стана вирално на социјалните мрежи.

–Дирекцијата за заштита и спасување во својата структура доби 18 прилагодени моќни теренски возила „пинцгауер“ (дополнително очекуваме уште 5) со резервоари од 1.500 литри, 15 прилагодени оклопни транспортни возила BTR 80 со резервоари од 6 тони и 5 оклопни транспортни возила „хермелин“ со влечни цистерни од 2, 4, 6 или 8 тони. Сите 43 специјални возила се опремени или се опремуваат со моќни водни пумпи со домет на водниот млаз од 25 до 100 метри, рече Ангелов.

Прашан колку чинеше пренамената или адаптацијата на возилата, Ангелов за „Фокус“ истакна дека државата ова ја чинело нула денари затоа тоа трошоците за резервоари и пумпи ги покриле приватни компании.

– „Пинцгауер“ возилото не бара многу одржување, а хермелинот е германско возило и може да се каже дека во неговиот свет е како што е „мерцедес“ во светот на автомобилите. Имаме набавено најсофистицирани пумпи, кои на БТР возилата имаат дострели од околу 100 метри. Останатото се резервоари со вода кои имаат комори внатре за да се избегне занесување на возилото. Возилата се многу стабилни, „пинцгауерите“ даваат одлични резултати, тие се како диви кози меѓу специјалните возила, објасни стручно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Ангелов.

Во однос на јавната дебата што се отвори по подметнувањето на пожарите околу Скопје и Чучер Сандево дека треба да се купат дронови со кои ќе се детектираат потпалувачите во рекордно време, Ангелов рече засега таа функција ја врши авион на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

–Секој ден, авион на Агенцијата за цивилно воздухопловство полетува и ја надлетува територијата на државата и директно ни праќаат слики од терен. Нам мали дронови не ни требаат. Дроновите кои беа набавени од ДБК во времето на Сашо Мијалков тие вршеа работа, но сега не се функционални. Ниту имаат посада, ниту се знае каде се наоѓаат. Тој сектор со дронови беше растурен кога СДСМ дојде на власт.

Сега немаме потреба бидејќи спортскиот авион ни праќа локација во реално време каде има пожар. Проблемот е што откако ќе дознаеме, не е проблемот во раната детекција, потенцира Ангелов за „Фокус“.

Прашан нели е подобро да се набават нови специјализирани возила, Ангелов рече дека секое возило повеќе е голем придонес, но треба и обучени луѓе што ќе ги управаат тие возила.

–Кај нас пожарите се одвиваат на тешко пристапни терени, ни останува гаснење со авион, но невозможно е со авион без пешадија да се изгасне таков пожар. Ние трошиме вода и ресурси, а на земја нема никој, додаде Ангелов.

Инаку, Дирекцијата за заштита и спасување, последната набавка ја направила во јули 2022 година, кога преку тендерска постапка од „Аутомакедонија Скопје АД“ се набавени 15 теренски возила со пумпи за гаснење пожари. Вредноста на возилата е 42,5 милиони денари или 700.000 евра. Се работи за „санг јонг мусо гранд“ возила со дизел мотор и погон на сите тркала со мобилна единица – пумпа за гаснање пожари.

СТАРИ ВОЗИЛА ПО 27 ГОДИНИ

Истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2023 година покажа дека недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години.

Поточно, 34-те противпожарни единици во земјава вкупно имаат 284 возила, од најразличен вид – оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.

Последното вакво истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2020 година покажа дека тогаш во земјава имаше 241 возило, просечно старо 28 години.

Тоа значи дека за три години, зголемен е бројот на противпожарни возила, но староста е намалена само за една година. Сега има 284 возила, просечно стари 27 години.

Во последните три години се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години.

Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане, која има две возила, просечно стари 39 години.

Спротивно, најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и во Штип, чии возила се просечно стари по 12 години.

Најстаро противпожарно возило во земјава има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години.

Набавката на теренски возила е единствена набавка од страна на државна институција поврзана со опрема за гаснење пожари. Противпожарните единици се под општинска надлежност и најчесто општините преку аплицирање во проекти добиваат средства за колку толку да ја обноват опремата на станиците, но тоа е премалку.

Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ја знаеше состојбата со противпожарниот парк во земјава уште пред да ја освои власта во мај 2024 година затоа што постојано го критикуваше СДСМ за негрижа и неработење во овој сектор. Згора на тоа, повод за набавка на целосно нова опрема и реформи во противпожарниот систем дадоа и ланските незапаметени шумски пожари кои изгореа рекордно многу хектари низ Македонија.

Шансата, општините да набават нова опрема, ја имаа лани во октомври кога владата го распиша првиот јавен повик за кредитот од Унгарија. Но, 100 милиони евра беа наменети за инфраструктурни проекти како што беа крпење на улици, тротоари, водоводи и реконструкција на по некој кров од училиште, наместо за ова.

Можеби од инает, можеби од тоа што сакаше искрено да го реши проблемот со противпожарната бригада на Скопје, градоналачничката Данела Арсовска аплицираше со проекти за Град Скопје, но и беа одбиени затоа што не ги исполнувале условите кои и онака не беа утврдени во Јавниот повик.

Град Скопје аплицираше со целосно проектна документација за набавка на навални противпожарни возила, пратечки возила (цистерни) и пикап возила за интервенција при шумски пожари. Проектот беше одбиен од власта затоа што имал погрешна намена.

ЗА ДВЕ ГОДИНИ 45 НОВИ ВЛАДИНИ ВОЗИЛА

 Нема набавки на противпожарни возила, пикапи и цистерни, но има за нови службени автомобили.

Центарот за граѓански комуникации објави истражување за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024. Истражувањето открива дека само за две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле 269 нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг.

Анализата ги опфаќа возилата кои се набавени во текот на 2023 и 2024 година, и се однесува само на патничките возила, а не и на комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели.

Најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра.

Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра, а омилен бренд на функционерите им е „шкода“, од која е набавено секое трето возило.

Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Нив ги користат сегашни, но и поранешни функционери.

Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле. Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни анабавки. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.

Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра.

Почнувајќи од 2012 година, Службата за општи и заеднички работи во Владата ги набавува овие возила во коишто се возат највисоките државни функционери по пат на т.н. оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години по којшто ги враќа и набавува нови.

За прв пат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50.437 евра.

Според информациите од СОЗР, четирите возила за поранешните претседатели ги користат Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска и Стево Пендаровски. Трите возила за Собранието ги користи претседателот на Собранието, Африм Гаши при што едното возило е за него, а другите две се за неговиот „ескорт“.

Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговиот „ескорт“ и две се за владиниот протокол.

 НЕДОСТИГААТ И ПОЖАРНИКАРИ

Иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители во земјава, со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител, сепак сè уште има 340 пожарникари помалку од законскиот минимум.

Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава, од кои 14 се републички плус Градот Скопје.

Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица, која покрај скопските општини ги покрива и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково, има 190, а треба да има 405 пожарникари.

Куманово има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку од законскиот минимум и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.

Спротивно, меѓу општините што имаат повеќе од законскиот минимум, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини, кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.

Според Законот за пожарникарство и измените на овој закон што важат од 1 јануари 2020 година, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:

– во општините до 10.000 жители – девет професионални пожарникари,

– во општините од 10.000 до 15.000 жители – 13 професионални пожарникари,

– во општините од 15.000 до 24.000 жители – 17 професионални пожарникари и

– во општините со над 24 000 жители – еден професионален пожарникар на 1.500 жители.

Законот, исто така, определува дека утврдениот број на професионални пожарникари на противпожарните единици се зголемува соодветно на бројот на жителите на соседните општини што ги покрива формираната единица.

ИМА ПАРИ ВО ЕУ ЗА ОПРЕМА, НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ДА АПЛИЦИРА

Од Независниот синдикат на пожарникари во јули 2024 година за „Фокус“ потенцираа дека средства за опрема има во претпристапните фондови на ЕУ, но недостасува стручна експертиза за аплицирање на проектите. Синдикатот го следи искуството од земјите-членки на ЕУ какви чекори презеле во однос на набавката на опрема пред да влезат во сојузот.

– Знаеме како некои земји пред да влезат во ЕУ, колку ги чинело затоа што не биле информирани што треба претходно да направат за да аплицираат и да користат фондови од ЕУ за набавка на возила и опрема. Некаде околу два милиони евра чини експертизата на теренот, рече Боби Вељановски, генерален секретар на НСПМ.

Според него, треба да се формира силен сектор за пожарникарство во рамките на ДЗС, но сите територијални единици треба да се развиваат различно, затоа што, како што вели, немаат исти потреби.

– Сите територијални единици треба различно да се развиваат, на некои им требаат повеќе возила за гаснење шумски пожари, на некои урбани возила. И таква анализа ние веќе имаме направено, сето тоа стои некаде во некоја фиока и не сака никој да го извади и да рече чекај можеби сме згрешиле.

Документот е од 2018 година поднесен до тогашниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски. Тоа е наша иницијатива со одредби и плански региони што треба и колку би чинело. Имаме и анализа за број на вработени во земјава.

Дури изготвивме и анализа што ќе се случи ако не се преземе ништо. Се работи за документи, кои редовно сме ги доставувале до институциите, но немале слух, потенцира Вељановски.

Текстот е објавен на 17 јули 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.554.

 

Слични вести