Најсиромашните нема да може да откупат стан од државата: Нови правила за откуп или закуп на државни станови

by irena 11:19
11:19

Граѓаните кои живеат со децении во станови во државна сопственост ќе добијат нова можност да го решат своето домување ако се изгласа предлог-законот за изменување и диполнување на Законот за домување со кој државата предлага нови правила за старите корисници на државни станови.

Новина е што се продолжува рокот за поднесување барања за откуп или пренос на правото на користење. Според предложените измени, новиот рок е 31 декември 2027 година. Ова се однесува на лицата што станот го користат врз основа на акт или договор склучен пред 16 мај 1998 година, како и на одредени членови на семејните домаќинства на починати носители на правото.

Новиот закон носи и една голема промена: корисниците ќе се делат според приходите во четири категории.

Во првата категорија се лица приматели на социјална или на постојана парична помош. Овие лица нема да може да го откупат станот затоа што предлогот предвидува само право на закуп но нема да плаќаат закупнина додека го имаат статусот на приматели на социјална помош.

Останатите три категории се лица со ниски приходи како домаќинства со приходи до една и пол просечна нето-плата, лица со просечни приходи – од една и пол до две и пол просечни нето-плати и лица со високи приходи – над две и пол просечни нето-плати.

За овие категории законот ќе предвидува можност да изберат меѓу закуп и откуп, но само ако исполнуваат одредени услови како македонско државјанство, постојано живеалиште во општината каде што се наоѓа станот, да не користат друг стан или деловен простор во државна сопственост и станот да го користат уште од пред 13 август 2009 година.

Ќиријата ќе зависи од приходите. За домаќинствата со ниски приходи таа би била 25 или 35 денари за квадратен метар, за оние со просечни приходи 62 или 95 денари, а за лицата со високи приходи 190 денари за квадратен метар. Значи, за стан од 60 квадрати, на пример, закупнината за највисоката категорија би била 11.400 денари месечно.

За оние што ќе добијат право на откуп, државата предлага плаќањето да може да се растегне на максимални 30 години или на 360 еднакви месечни рати со фиксна каматна стапка од 4 отсто годишно.

Инаку, корисниците кои нема да поднесат барање за откуп или закуп на станот во кој веќе живеат најдоцна до 31 декември 2027 година, ќе имаат дополнителен рок до 31 март 2028 година. Но, ако дотогаш не поднеле барање, ќе следи присилно иселување. Присилно иселување следи и ако барањето на закупецот биде одбоено и потоа во рок од 30 дена не поднесе ново барање за закуп или откуп.

Се менува бројот на граѓани кои користат државни станови

Акционерското друштво за изградба и стопанисување на станбен и деловен простор нема официјална бројка на граѓани кои користат државни станови, а не ги регулирале своите права на откуп или закуп, како и бројка на станови кои се одземени по тој основ, затоа што според нив се работи за категорија чиј статус е променлив.

„ При утврдувањето на статусот на овие станови се земаат предвид повеќе фактори, меѓу кои дали носителот на станарското право, односно закупецот, е починат, дали со договорот за закуп е определено друго лице кое е во сродство со носителот на станарското право, дали е поднесено барање за откуп, дали постапката по поднесеното барање е во тек пред Министерството за транспорт, како и други релевантни околности од конкретниот случај.

Поради тоа, бројот на станови и корисници кои во определен момент може да се сметаат за лица со нерегулиран статус не претставува фиксна категорија, туку се менува согласно со текот на постапките и регулирањето на правата на корисниците“, велат за „Фокус“ од АДИССДП.

Парите од продажба ќе се трошат исклучиво за изградба на нови

Средствата добиени од продажбата на државните станови, според новиот предлог закон за измена на законот за домување, би се уплаќале на посебна наменска сметка. Парите нема да може слободно да се трошат, туку би биле наменети исклучиво за изградба на нови станови во државна сопственост.

Според постоечките законски прописи, средствата остварени од продажбата на државните станови се уплаќаат на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија.

„Приходите од овие продажби претставуваат буџетски средства, а не средства со кои располага АДза изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката- Скопје“, додаваат од СДИССДП.

Цената по која може да се откупат становите се определува согласно со  Уредбата за методологија  за утврдување на вредноста на станот. Акционерското друштво постапува во согласност со утврдените критериуми и законските одредби што го регулираат откупот на овие станови.

„При определувањето на цената, покрај основниот долг за конкретниот стан, се земаат предвид и сите други релевантни финансиски и правни околности поврзани со користењето на станот. Во пресметката се опфаќаат и обврските по основ на закупнина, вклучително и податоците за тоа дали закупнините се редовно подмирени, дали постојат неплатени обврски, како и дали за нивно наплатување се водат судски постапки или се преземени дејствија преку извршител. Оттука, конечната цена не се утврдува само врз основа на основниот долг, туку претставува резултат на целокупната пресметка во која се земаат предвид сите трошоци и обврски поврзани со конкретниот стан и неговиот закупец. На овој начин се обезбедува целосен увид во финансиската состојба на секој поединечен случај и правилно утврдување на износот што треба да се плати“, истакнаа од Акционерското друштво за „Фокус“.

Дали фиксната камата ќе биде конкуренција за банките?

Државата предлага плаќањето за откуп на државните станвои да биде максимални 30 години со фиксна каматна стапка од 4 отсто годишно и овој услов е далеку подобар од оној на банките при одобрување на кредиит за купување на приватни станови. Во однос на тоа дали овие услови може да претставуваат конкуренција, од АД за изградба и стопанисување  со станбен простор и со деловен простор одговорија дека друштвото не е надлежно да дава оцена дали овие услови претставуваат конкуренција на банкарските кредити за купување приватни станови и дека условите за откуп се утврдуваат во рамките на законската регулатива и политиките на државата.

Сепак, АДИССДП очекува со предложените измени дополнителни да се намали бројот на корисници кои се уште немаат регулирано право на откуп или закуп.

„На овој начин, на корисниците ќе им се овозможи да го регулираат својот статус и, доколку ги исполнуваат законските услови, да го остварат правото на откуп на станот. Притоа, целта на Министерството за транспорт, како надлежна институција, и на Акционерското друштво е да се финализира процесот на регулирање на статусот на сите преостанати корисници на станови дадени врз основа на акти или договори склучени пред мај 1998 година.

Бројот на овие случаи значително е намален со претходните законски измени, а со предложените измени се очекува да се овозможи решавање и на преостанатите случаи и конечно регулирање на нивниот статус“, дополнија од АДИССДП за „Фокус“.

Орце Костов

Слични вести