Министерот за спорт, Борко Ристовски во интервју за РСЕ изјави дека Министерството за спорт уште во март или април оваа година предложило откажување или значително намалување на бројот на учесници на Олимпијадата за младинци. Според него, на Европскиот Олимписки комитет било сугерирано настанот да се откаже или да се сведе на максимум 1.000 учесници, бидејќи државата не можела да гарантира организација на масовен собир со над 4.000 млади спортисти.
„Лично имав разговор со претседателот на Европскито Олимписки комитет во март или април, и како министерство за спорт предложивме да се откаже Олимпијадата, или да се редуцира на 1000 учесници, затоа што само така како држава можевме да дадеме гранции. Но, бевме одбиени. Ни беше кажано дека е доцна да се откаже Олимпијадата за младинци. Кажавме дека немаме капацитет да ортанизираме еден ваков масовен настан. Морам да додадам дека иако организацијата во одреден момент затаи, меѓутоа не беше на ниво катастрофално како што тоа сака да го прикажат поединци или опозицијата. И ете кога ќе угостите преку 4.000 дечиња, нормално е да има некои недостатоци. Не постои држава на светот или Олимписки комитет на светот или град на светот што може да го организира без недостатоци и тоа е во ред. Улогата на министерството беше чисто логистичка“, рече Ристовски.
Ристовски понатаму објаснува каква логистичка поддршка имало министерството.
„Од нас беше побарано, на пример, да купиме 150 нови креветчиња за студентските домови коишто ќе останат понатаму во студентските домови. Ние како министерство успеавме од една општествено одговорна компанија да замолиме да донира 2.000 перници, сите оние работи коишто се потребни за тие креветчиња“, изјави министерот за спорт, кој додаде дека од нив било побарано да се обезбеди и дел од автобускиот превоз, како и користење на сали бесплатно.
„Донесовмке одлука на Влада и ги оставивме сите спортски сали бесплатно на користење“, додаде Ристовски.