,,Гинис’’ ја призна бугарската актерка Стојанка Мутафова за највозрасна активна актерка на светот, пренесе бугарски ,,Фактор’’. Стојанка, која живее и работи во Софија, влезе во книгата на рекорди, откако Бугарскиот културен институт во Лондон, со поддршка на поранешниот министер за култура, Ведни Рашидов, во ноември минатата година, ја предложиле актерката, која се уште била активна на сцената и редовно глумела во голем број на претстави, иако има 95 години.
Откако претставници на ,,Гинис’’ изгледале една од нејзините претстави, деновиве се чекало да пристигне писмото за официјално запишување на Мутафова во книгата на светски рекорди.
-Сакам само да знаете дека јас лично не сум барала поранешниот министер да ме предложи за ,,Гинис’’. Никогаш на никого во животот не сум му се молела за било што – изјавила актерката која што зад себе има стотици одиграни претстави.
Во Македонија, во 2014 година, Александар Чекоров и Александар Смилков влегоа во книгата на рекорди, откако туркаа автомобил повеќе од 24 часа во круг, во спортска сала, па со изминати 95,12 километри го срушија последниот рекорд во туркање на автомобил, кој што бил за изминати 84,2 километри. Исто така во 2014 година, околу 7.000 Македонци фатени на оро во Охрид се обидоа да го срушат Гинисовиот рекорд, но не успеаја, па рекордот за најдолго оро сеуште го држат Кинезите со вкупно 18.000 играорци.