8 СЕПТЕМВРИ – ДЕН ИСПОЛНЕТ СО РАДОСТ И ПАТРИОТИЗАМ

by Fokus

Луѓето почнаа да се собираат пред Собранието и тогаш во Кристалната сала се слушнаа однадвор звуците на зурлите и тапаните. Пратеничката Ратка Димитрова со салфета во раката го зафати и го поведе орото надвор, на платото пред Собранието, до неа се фати Ханџиски, а по нив и другите пратеници

Пишува Ана ПАНОВСКА

„Деновиве пред години“! Еве веќе цели 30 години почетокот на септември ми мириса секогаш на тоа возбудливо време кога бевме „едно“, кога сите граѓани на нашава држава, преку сенародно гласање, плебисцитарно, со 95,2 отсто „ЗА“ решија дека е дојдено времето за следниот историски чекор и дека тоа е вистинскиот момент без жртви и крвопролевање на наша територија, паметно и мудро да се збогуваме од Југославија тргнувајќи по својот пат на градењето сопствена, самостојна, независна држава, Република Македонија.

Осми септември 1991 година беше ден исполнет со радост, безгрижност, патриотизам, општонародна гордост, национал-романтизам… Без големи помпи и нападни пароли, обмислено изработената кампањата за Референдумот, договорена меѓу сите партии од Парламентот, Владата и претседателот Киро Глигоров, помина дискретно, плодотворно и мајсторски умешно.

Значаен дел во целата таа приказна беа и медиумите, пред сè Радио-телевизија Скопје, денешната МРТВ. Тимот што тогаш ја водеше Македонската радио-телевизија покажа врвна професионална зрелост и одговорност чувствувајќи го тешкиот момент во кој се одвиваше целиот процес околу прогласувањето на независноста на Македонија, тогаш изложена на бришан простор со кошмарните ветришта на војната што дуваа околу нас и со распосланата силна вооружена армија на нашата територија − армија која веќе не беше наша, беше туѓа!

„СЛАВНАТА ПЕТОРКА“

Сите што се сеќаваат на тоа време знаат да речат дека тоа беше златната доба на МРТВ. „Славната петорка“, како што подоцна во една прилика се изрази претседателот Киро Глигоров, одигра непроценлива улога во напорите на македонскиот државен врв за мирно раздружување и наше непречено заминување од Југославија.

Затоа во оваа пригода сакам да ги спомнам „играчите“: Тихомир Илиевски, генерален директор на МРТВ; Слободан Чашуле, директор на Радиото; Слободан Трајковски, директор на Телевизијата; Зоран Иванов, одговорен уредник на информативната програма на Радиото и јас, Ана Пановска, одговорен уредник на информативната програма на Телевизијата.

Со поддршката од сјаен тим сериозни, јаки новинарски пера, коментатори, млади известувачи и репортери во МТВ се промовираше духот на современото слободно ТВ-новинарство, кое веќе ја имаше потребната зрелост за да ја препознае границата меѓу вистинската новинарска слобода и плиткиот новинарски сензационализам. Зашто тогаш и самото време беше доволно сензационално и болно.

Над 40 наши војници кои се затекоа во редовите на ЈНА ги загубија животите, расеани по боиштата насекаде низ просторите на бившата државата. Иако имаше разни превирања и напнатост меѓу републиките и пред 6 мај 1991 година, убиството на нашиот војник Сашо Гешовски во Сплит многумина сериозни аналитичари го земаат како почеток на крвавата граѓанска војна во Југославија.

Не беше лесно во тоа време да се издржи притисокот од стравот и плачот на мајките чии деца сè уште се наоѓаа во редовите на југословенската војска и од растечкиот природен револт на граѓаните кон ЈНА. Во една таква запалива атмосфера не можам да ја заборавам долгата средба со Доста Димовска, Борис Змејковски и Стоиле Стојков, кога дојдоа да протестираат зошто нивното официјално партиско соопштение од претходниот ден не сум одобрила да се пушти во Дневникот.

Со сета одговорност и ладна глава спречив да излезе едно такво соопштение со кое се повикуваше народот во Македонија да реагира, граѓаните да излезат пред касарните, да покажеме отпор и да ги притиснеме генералите од ЈНА со нивната војска да си заминат од нашава земја. Убаво чувство на храброст и одважност, но многу ризично.

„РЕПУБЛИКА ВО ПЛАМЕН“

ЈНА беше вооружена до заби, војниците во касарните нервозни, не требаше многу па некој полабилен војник однатре да припука кон насобраниот народ и нашиот гандиевски пат кон слободата да заврши како „Републиката во пламен“. Но, разбрани луѓе, особено Димовска, која веднаш укапира која ми беше побудата за таквиот потег. Ама, тоа беше некое друго време и некое друго ВМРО-ДПМНЕ.

Кога во Собранието на Македонија се соопштија резултатите од Референдумот просто милина беше да се види како пратениците од сите партии со еднакво воодушевување, заедништво, слога и кроткост се радуваа на тој историски чин. И народот го почувствува тој дух. Луѓето почнаа да се собираат пред Собранието и тогаш во Кристалната сала се слушнаа однадвор звуците на зурлите и тапаните. Пратеничката Ратка Димитрова со салфета во раката го зафати и го поведе орото надвор, на платото пред Собранието, до неа се фати Ханџиски, а по нив и другите пратеници.

Се разви едно оро големо, кое предизвика солзи радосници и воодушевување кај насобраниот народ кој потоа се разотиде за да се префрли и да се намножи на централниот плоштад во една спонтана голема општонародна веселба. На крајот, во доцните часови, претседателот Киро Глигоров од импровизираната бина ја прогласи самостојноста и независноста на Македонија. Шампањското пукна, а небото го осветлија рој ѕвезди од големиот огномет во чест на денот на независноста на Македонија, 8 Септември.

И сега се прашувам дали е можно да се повтори таа добродушност, сплотеност и зрелост кај граѓаните како тогаш пред 30 години. Верувам дека е можно. Иако понекогаш сме баш како рогови во вреќа, сепак во изминативе три децении докажавме дека можеме да ги пребродиме сите премрежија и тешки искушенија и, еве, пак да си бидеме свои на своето. Покажавме дека знаеме да си ја сакаме и да си ја чуваме државата.

Поврзани новости