Пендаровски: Имаме привилегија да имаме своја, независна држава

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста.

-Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други граѓани, Нека ни е честита 30-годишнината од независноста на нашата заедничка држава! На денешен ден, пред 30 години, се оствари сонот на сите генерации кои се бореа и гинеа за нашата слобода. Македонската државност е беа сомнение нашето најголемо заедничко историско постигнување. Денес, имаме привилегија да имаме своја, независна држава. Во исто време, имаме и голема одговорност – да вложуваме во неа за да биде достоен дом за секој од нас. Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме.

Почитувани сограѓани, Нашата најголема вредност, со векови наназад е традицијата на почитување на различностите. Северна Македонија, може да напредува, само, ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина. Нашето подобро утре зависи и од интеграциите во важните меѓународни организации. Како мала држава, во денешниот глобален и немирен свет, не можеме да опстоиме без сојузници и пријатели. Интеграциските процеси беа, и се уште се, и мотив и средство за постигнување на внатрешна кохезија и за достигнување на највисоките европски вредности.

Драги сограѓани, Да се почитуваме и разбираме меѓу себе. Да сфатиме дека различниот од нас не е наш непријател. Да ја разбереме политиката како борба за идеи и концепти за подобро денес и утре, а не како борба на живот и смрт. Ние немаме резервна држава. Северна Македонија е нашиот единствен, заеднички дом и ќе биде пристојно место за живеење само ако секој од нас го вложи во него својот труд, својата одговорност и својата совест. Почитувани сограѓани, Нека ни е честита 30-годишнината од независноста! Да ни е вечна и вековита државата!, стои во видео честитката на Пендаровски.

Поврзани новости