Македонските пратеници продолжуваат да земаат огромни суми за патни трошоци. Според податоците на Собранието на Република Македонија, на врвот на оваа листа е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски од Вевчани. Тој за првите пет месеци од годинава добил 7.680 евра за патни трошоци.
На второ место пратеникот на ДУИ, Рамиз Мерко, кој секојдневно патува од Струга до своето работно место во Собранието. Тој за првите пет месеци земал над 6.500 евра. Силвана Бонева за патни трошоци добила нешто над 6.000 евра.
Откако пратениците на СДСМ се вратија со Собранието, отсега и тие ќе добиваат надоместок за патни трошоци. Но, бидејќи во изминативе месеци тие не доаѓаа на работа, на листата за патни трошоци од Собранието ги има само пратениците од власта, како и независните пратеници, како на пример пратеничката Роза Топузова-Каревска, која за првите пет месеци земала скоро 6.000 евра.