60.000 евра часовници и Зења гардероба vs. дете на тато со професорска плата

by irena 21:43
21:43

Пишува: Александар НАУМОСКИ, член на Извршниот одбор на СДСМ

Политичарот кој тврди дека го разбира сиромашниот работник затоа што „не јаде цреши во јануари“, додека на раката го носи неговиот 10-годишен доход, не нуди сочувство — нуди иронија.

Има нешто длабоко фарисејско/дволично и навредливо во политичкиот театар што ни се сервира секој ден. Додека граѓаните на оваа земја во маркетите секојдневно прават математика дали ќе им стигнат парите за килограм леб, млеко или јајца, од политичката говорница ни се обраќа квазилидер, кој со едната рака го мести ракавот од оделото на Ermenegildo Zegna, а на зглобот му блеска часовник чија вредност надминува неколку десетици годишни минимални плати (не знам да го кажам што марка е, го гуглав!)

Сепак, вистинскиот апсурд не е само во луксузот. Вистинскиот апсурд е во неговото бламирање т.е лажење.

Театарот на измислената скромност

Да се вратиме малку назад. Во ноември 2022 година, среде најтешката европска енергетска криза после тешки две години Корона, Христијан Мицкоски јавно нè убедуваше дека неговото семејство ги дели маките на народот: „Нормално дека штедиме. Седиме во поладно, носиме џемпери… Јас живеам од професорската плата.“

Во февруари 2025 година, за време на дебатите околу скапотијата и потрошувачката кошничка, ја добивме и познатата антологиска поука: „Јас во јануари не пробав цреши, праски, дињи или лубеница…“

Какво извонредно портретирање на народен човек! Аскет, професор, дисциплиниран граѓанин кој ги одбива скапите овошја во зима и спие во ладна соба за да заштеди киловат-час.

Но, оваа слика за „скромното дете на тато“ што предава на Машинскиот факултет и живее од државна плата трае само додека не се крене раката за прес-конференција. Тогаш под ракавот излегува IWC Portofino и цела колекција часовници проценувана од јавноста и медиумите на илјадници евра. Тогаш испливуваат костумите по мера и профитабилните приватни бизниси со мали хидроцентрали.

Дихотомијата или двете лица на еден квазилидер

Како се спојуваат овие две реалности?

Реалност А: Скромен професор кој живее од плата, седи во ладно и штеди на цреши.

Реалност Б: Бизнисмен од енергетскиот сектор со милионски удели, љубител на престижни италијански модни куќи и сопственик на луксузни часовници од 60.000 евра.

Кога медиумите и опозицијата ќе прашаат за Реалноста Б, одговорот е соодветно спакуван: „Часовниците ми се лична слабост од порано, подароци од блиски луѓе, а парите се заработени во приватниот сектор пред политиката“. А кога треба да се соберат социјални поени кај исплашениот народ, брзо се активира Реалноста А: „И јас спијам во ладно и живеам од плата.“

Ова не е само контрадикторност; ова е потценување на интелигенцијата на граѓаните. Политичарот кој тврди дека го разбира сиромашниот работник затоа што „не јаде цреши во јануари“, додека на раката го носи неговиот 10-годишен доход, не нуди сочувство — нуди иронија.

Професорска плата или бизнис-опортунизам?

Институционалната заштита зад која се крие ваквиот профил е добро позната: „Сè е легално пријавено, сè е според законот, сè е стекнато претходно.“ Но, политиката не е само сува правна формалност; таа е морал и порака. Кога некој свесно гради кариера како „дете на тато“ на факултетот и се претставува како академски граѓанин кој живее од државниот буџет, а зад кулисите развива мрежи во строго регулираниот државен бизнис со енергетика, прашањето за судир на интереси и лицемерство станува неодминливо.

Граѓаните немаат проблем со тоа некој да биде успешен бизнисмен и да носи луксузни часовници, доколку тоа е транспарентно, чесно и без преправања. Она што ги револтира е лажната скромност. Народот не сака премиер кој глуми аскетизам и глуми дека ги дели нивните маки додека спие во ладно, а истовремено ужива во луксуз за кој обичниот работник треба да работи цел еден живот.

Крајно време е да се извадат маските.

Не може во исто време да се биде скромниот професор со џемперот што штеди струја и елитистичкиот сопственик на часовници и гардероба од десетици илјади евра. Потребна е вистина. Сè друго е само скапо платен ПР-театар на сметка на луѓето кои реално немаат ниту за цреши, ниту за струја.

Слични вести