Над 53 отсто од граѓаните во земјава сметаат дека е исклучително важно, а 17 отсто делумно важно веднаш да се реши спорот за името со Грција, со што ќе ни се отворат вратите за евроатлантските институции, покажала анкетата за перцепциите на македонските граѓани за спорот за името и односите со соседите спроведена од Фондацијата Алијанса на цивилизациите и Институтот за политички истражување Скопје (ИПИС).
Сепак, Македонците не се подготвени да дојде до промена на уставното име на Република Македонија како предуслов за влез во Европската Унија и во НАТО. Осумдесет проценти од испитаниците сметаат дека моменталните политички односи со официјална Атина се лоши, 53,5 отсто тоа го мислат и за економијата, речиси толку и за меѓучовечките односи.
Доколку утре се спроведе референдум за влез на Македонија во ЕУ, 66,9 проценти би гласале за, а 24,8 отсто против. За НАТО би гласале 70,7 отсто, а 21,4 проценти против. На прашањето дали би прифатиле промена на уставното име со цел Македонија да стане членка на овие две организации, 64,8 отсто се изјасниле против, а 28,3 отсто за.