Го добив извештајот од Трудовата инспекција, за кадровските злоупотреби во РЕК Битола на 21 ноември оваа година, кога на голем дел од вработените им било наложено, наместо на работа принудно да одат на партискиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржа во Охрид, изјави денеска дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски.
-Дури 439 вработени од РЕК Битола, наместо на работа, принудно биле на митинг на ВМРО ДПМНЕ, односно пополниле околу 10 автобуси. За 361 од вработените, партиските шефови од ВМРО ДПМНЕ, отпосле се труделе да им вадат боледувања, да им потпишуваат слободни денови и одмор, но безуспешно.На неколку пунктови со стотици вработени воопшто не се водела евиденција, што остава сомнеж дека бројот на принудно отсутни е двојно поголем, објасни Кирацоски.
Тој додаде дека пополнувањето на автобусите за митингот на владејачката партија,учествувала и Агенцијата за привремени вработувања ЗЕТА од која неоправдано отсуствувале ½ од вкупно 138 вработени.
Кирацоски денеска лично до началникот ќе поднесе пријава за истрага во РЕК Битола, заедно со извештајот од Трудовата инспекција, за конечно да се потврди кој ги принудувал вработените, недолжни, наместо на работа да бидат на партиски митинг.