Заев одговара на прашањата на Фетаи: И кај мене гореше желбата до крај да се дознае вистината за “Монструм”

by fokus

Зоран Заев, лидерот на СДСМ, во моментот сведочи на судското рочиште за “Монструм”, односно за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро.

– Бомбите за овој случај ги предадов на СЈО. Се што поседував како аудио разговори и транскрипти, крајот на 2015 година ги доставив до СЈО. Според евиденцијата, имаше повеќе од 1 милион бомби. Дел имам преслушано и споделено со јавноста, но тоа е само мал дел, рече Заев одговарајќи на прашање на судијата Огнен Ставрев.

На прашањето на обвинителката Фатиме Фетаи, кој ја правеше селекцијата, Заев рече:

-Разговорите, лично ги разгледував. За конкретниот случај, видов разговори во форма на транскрипти, а беа препознаени по името и презимето на тогаш осудените за случајот, за што имаше и пресуда на 180 страни, која ја имав. Селекција не може никој да направи зошто не може до крај да знае што се докази, а што не. Ама кога ќе видите разговор на Фејзи Азири и друго лице знаете дека е еден од осудените, рече Заев.

Обвинителката го праша дали имал средби со семејствата на жртвите и за што разговарале?

-Имав повеќе средби со родителите на убиените деца на нивно барање. Сакаа да знаат повеќе информации за тоа што се случило, доколку во бомбите постојат такви информации. За мене е многу логично родителите до крај да ја бараат вистината и затоа се остварија неколку средби. На една од средбите изразија сомневање дека институциите кријат од нив одредени податоци. Поточно, се работеше за 4 или 5 комуникации помеѓу осудените, а еден од соговорниците беше со сокриен идентитет. Тоа кај нив предизвикуваше сомневање. Јас ги извадив истите комуникации и им ги презентирав да ги видат во мое присуство, без да дадам копија. Јас не сум стручен да знам дали се работи за законски конуникации, односно пим мерки, или незаконско прислушување. Важно ми беше да ја исполнам целта, која ја чуствував како човек- да добијат одговори, трагајќи по вистината . На сите состаноци се обидував да споделам тоа што јас го знам со ветување дека сите докази ќе бидат доставени на СЈО за да се доистражат, рече Заев.

Тој додаде дека средбите се случувале во период кога во јавноста се објавувале “бомбите” и кои лично ги селектирал и ги подготвувал за објавување.

-Почетокот на февруари и март 2015, можно е да сум рекол дека јавно ќе ги објавам и материјалите за Смиљковското Езеро. После тоа не се случило, од единствена причина поради тоа што сметав дека не постои целовитост и јасна слика за мене, бидејќи не поседувам други материјални докази.Не сум правник за да можам до крај да го согледам правниот настан, затоа се што поседував дадов на СЈО. Верував дека во вакви околности немате доволно комплетна слика, согласно тоа што го гледате во транскриптите, па би можел да предизвикам дополнителни непријатни состојби во јавноста. Ова особено се однесуваше за овој случај, но и за “А1 телевизија, “Попис”, рече Заев.

Обвинителката Фетаи го потсети на неколку новинарски прашања и негови одговори дадени во 2015 година.

-На едно од прашањата тврдите дека јавноста ќе ја дознае вистината. За германски весник сте изјавиле дека обвинетите неправедно седат во затвор, потоа ја демантирате оваа информација, дека лошо ве пренеле, но дека постојат сомнежи за овој случај, рече обвинителката Фетаи.

Заев, пак, одговори:

-За вистината за која што зборувам дека може нема да им се допадне на сите, е за постоење на докази за  комуникации на луѓе осомничени, или на друг начин инволвирани во овој случај. Дел се на осудени, а дел се на носители на извршна, или локална власт, кои разговараат меѓу себе за убиството. Самите зборови, реченици се ноторна вистина, која сериозно треба да биде разгледана.

Сомневањата дека тогашното обвинителство работи под директна контрола на извршната власт, според мене, е легитимна причина да барам независна институција како СЈО да ги разгледа. Ова беше во период на власт, која имаше контрола врз многу правни случаи, па можеби имало селективност.

Како што гори желбата кај родителите за вистината до крај, така и кај мене, како граѓанин, но и како човек што разговарал со родителите, гореше желба да вистината биде јасно утврдена до крај. Причините кои беа основ за непревзмање на ризик беа околностите што јас како човек немав пристап до другите докази кои ги читав во тогашната пресуда, сведочеше Заев.

Сведочењето е во тек.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости