АНАЛИЗА: Јавниот сектор во должнички сметки од 130 милиони евра!

by Fokus 11:21
11:21

Се што значи државен сектор, на централно и на локално ниво, преку сите институции и сектори, лани по сите основи пријавил доспеани, а неплатени обврски во износ од скоро 272 милиони евра. Во последниот квартал во однос на третиот во 2019 та е забележено намалување на долгот за седум милиони евра. “Порталб” веќе ја анализираше должничката позиција на државниот сектор во годината што измина, а сега како продолжение ги објавува и финалните и официјални податоци од Министерството за финансии за состојбата со крајот на 2019 та година.

Најголеми долгови за сметки, надоместоци, греење

- Advertising -

Пораст на доспеаните, а неплатени обврски за комуналии, транспорт, комуникации, греење, надоместоци, за други тековни расходи. Увидот во податоците за видот и структурата на долговите што ги имаат институциите на централно и локално ниво покажува дека најмногу се должи по основ на неплатени сметки за комуналии, струја, греење, вода, транспорт, комуникации. На крајот на 2019 та по овој основ е пријавен долг од 48,5 милиони евра. За материјали и ситен инвентар доспеаните а неплатени смеки биле со износ од 30,0 милиони евра. Поголема сума на долг е генерирана по основ на “други градежни работи” со износ од 25,0 милиони евра и уште 2,2 милиони евра неплатени обрски за извршени градежни работи.

Една од најголемите должнички ставки се “други тековни расходи” во кои како што веќе објавуваше “Порталб” влегуваат  стари обврски кои се “влечат” со децении но и нови обврски кои не се опфатени со другите ставки. На крајот од 2019 та по основ на други тековни расходи долгот изнесувал 51,2 милиони евра, a на крајот од 2018 година по овој основ долгот бил 45,0 милиони евра, а раст има и во однос на состојбата во третиот квартал од 2019 та година.

Доспеани, а неплатени обврски според видот:

Други тековни расходи                                                     51,2 милиони евра

Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт  48,5 милиони евра

Договорни услуги                                                              30,4 милиони евра

Материјали и ситен инвентар                                          30,3 милиони евра

Други градежни објекти                                                    29,9 милиони евра

 

Анализата покажува дека од вкупниот износ на пријавени доспеани, а неплатени обврски, скоро половина отпаѓаат на долгови кон јавниот сектор. Имено се работи за долгови и обврски меѓу самите институции, јавни претпријатија, агенции, и други државни тела на локално и централно ниво. Конкретно долговите кон јавниот сектор изнесуваат 130 милиони евра, следуваат доспеаните, а неплатени обврски кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации  во износ од 117,7 милиони евра, пријавените доспеани обврски кон странство изнесуваат 22,3 милиони евра, а обврските кон физички лица на крајот од 2019 та година изнесувале 1,5 милиони евра. Во споредба со состојбата на крајот од 2018 та година, намалени се долговите кон јавниот сектор, обврските кон странство, а позначајно се намалени доспеаните а неплатени обврски кон приватниот сектор, додека зголемување на долгот има кон физички лица.

Општините и здравството со најголеми долгови 

И во новата листа на Министерството за финансии, според видот на субјектите – должници повторно доминираат доспеаните, а неплатени обврски на општините, на здравството, локалните претпријатија основани од општините.

Така, на крајот од 2019 та доспеаниот, а неплатен долг на општините изнесувал 53,7 милиони евра, на јавните здравствени установи 44,3 милиони евра, а на локалните претпријатија основани од општини доспеаните долгови биле на ниво од 58,5 милиони евра.

“Порталб” веќе ги анализираше буџетските приходи и расходи на општините, а дел од нив се најдоа и на новата “должничка листа”. Конкретно, општина Охрид има доспеани, а неплатени обврски од 7,3 милиони евра, општина Тетово 7,2 милиони евра, следна е општина Карпош со обврски во износ од 5,0 милиони евра, по неа е општина Струга со 3,1 милион евра, општина Сарај – 1,6 милиони евра, општина Дебар со долг од 1,4 милиони евра, општина Студеничани со доспеани, а неплатени обврски во износ од 1,2 милиони евра.

Од здравствените институции, Градска општа болница 8-ми септември има доспеани, а неплатени обврски од 4,6 милиони евра, Клиника по хируршки болести “Св. Наум Охридски” -Скопје со 2,6 милиони евра, Институт по белодробни заболувања кај децата – Козле со обврски во износ од 2,3 милиони евра, следна е ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија со 2,1 милион евра, по неа е ЈЗУ Универзитетска клиника за детска хирургија со доспеани, а неплатени обврски во износ од 1,7 милион евра.

Долгови на јавни претпријатија:

ЈП “Македонски Железници – ИНФРАСТРУКТУРА”                10,8 милиони евра

ЈП Колекторски систем Скопје                                                   9,9 милиони евра

ЈП Водовод Куманово                                                                 7,2 милиони евра

ЈП “МРТ” – Скопје                                                                        6,6 милиони евра

ЈП Водовод и канализација – Скопје                                         3,9 милиони евра

Јавно комунално претпријатие – Тетово                                   3,2 милиони ев

Според висината на доспеаните, а неплатени обврски високо котираат и јавните претпријатија, особено оние формирани на локално ниво. Убедливото прво место, со долг од 10,8 милиони евра го држи ЈП “Македонски Железници – ИНФРАСТРУКТУРА” – Скопје. На должничката листа се и: ЈП Колекторски систем Скопје, ЈП Водовод Куманово, JП „МРТ” – Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје, Јавно комунално претпријатие – Тетово.

Поврзани новости