39 деца со посебни потреби се згрижени во 28 семејства во Крушево: Ни се обраќаат со „мама“ и „тато“, не би знаеле што би правеле без нив

by fokus

Вкупно 39 деца со посебни потреби се згрижени во 28 семејства во Крушево. Како што раскажуваат крушевчани, овие деца се гледани со голема љубов и воочен е голем напредок во нивниот физики и психички развој.

Семејството Стојкоски е едно од многуте кои имаат згрижено деца со посебни потреби, а во нивниот дом има две девојчиња со пречки во развојот и умерена ментална попреченост.

Двете девојчиња, на возраст од 10 и 5 години го уживаат целото внимание и грижа од домаќинката Тања, нејзиниот сопруг Ѓоко, и нивните три деца Марија, Елена и Томче.

Првото девојче било вдомено кога имало шест години, додека пак пет годишното девојче 10 месеци е во куќата на Стојкоски.

Како што ни раскажа Тања, почетоците биле многу тешки, но со тек на време и голема грижа и љубов кон овие деца, била очигледна промената во нивното однесување.

„Поради љубов ги згриживме овие девојчиња. Првото девојче го зедовме пред четири години. На почетокот не зборуваше, но многу работев со неа и се научи да зборува. Овие деца си бараат огромна 24 часовна посветеност. Но се гледа големиот напредок кај овие деца. Помалото девојче се уште не зборува, но верувам дека наскоро ќе почне да говори“, вели Тања Стојкоска.

Првите импресии на 10 годишното девојче кога дошло во домот на Стојкоски биле позитивни. Сите играчки ги расфрлило низ куќата, направило голем неред, низ смеа раскажува Тања. Само научило да работи со компјутерот и постојано си игра игри и слуша музика на него. Сестрите Марија и Елена ја шетаат низ крушевските локали, а најчесто си пие сокче а и даваат и шлаг.

Соседите и останатите пријатели на семејството Стојкоски позитивно ги прифатиле овие девојчиња, и како што раскажува Тања, никогаш не се одвоиле од нив.

„Соседите, роднините и пријателите одлични ги прифатија овие деца. Навистина се посебни и ни носат среќа. Славиме родендени, ги шетаме низ градот. Многу и моите деца ги прифатија овие девојчиња. Ни се обраќаат со „мамо“ и „тато“ и не сметаат како вистински родители. Според законот, можеме да ги чуваме до наша 65 годишна возраст, но што се однесува до мене, додека сум жива ќе го гледам овие прекрасни деца“, вели Стојкоска.

Семејството Стојкоски сакало уште при првото вдомување, да земат две деца со пречки во развојот, но од Центарот им рекле дека треба да помине време од едно до друго згрижување на дете. Сепак, пред 10 месеци, тие згрижиле уште едно девојче.

„Ги носиме во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Крушево. Таму си цртаат си се дружат, убаво им е. Не прават никаков проблем кога ги носиме. Овие деца се со најчиста душа, не можат ништо да згрешат. Со големо задоволство и голема љубов ги гледаме. Не сакаат да слушаат повишен тон во домот, сака многу вмимавање“, додава Тања.

И во семејството на Марина и Уни Теља се шири љубов и позитивна енергија. Ова семејство веќе една година и осум месеци имаат згрижено дете со Даунов синдром. Но, родителите на ова дете, се во контакт со него и често доаѓаат во домот на Теља и како што ни раскажа Марина, презадоволни се од тоа како е згрижено од ова семејство.

Марина уште пред речиси две години почнала да бара работа, но во последен момент се откажала. Решила да вдоми дете со Даунов синдром и како што вели, никогаш не се покајала за ваквата одлука.

„На почетокот ми беше многу тешко. Не знаев како ќе се однесува, не знаев да го хранам. На почетокот тој играше само со една врвца. Јас му зедов и балони, мислејќи дека ќе се радува, но тој само со врвцата си играше. Но, со тек на време, го научив да си игра и со други играчки. Не беше подвижен кога го зедовме, но за кратко време го застанав на нозе. Се уште ни е проблем јадењето, што не знае да џвака, но верувам дека ќе се научи“, вели Марина, која ги има и трите биолошки деца Антонио, Михајло и Душица.

Времето со ова дете брзо поминува и сега си е наше, со насмевка раскажува Марина.

„Сите топло го прифатија. Тој е таков, само рака да му подадеш и секаде оди и се прегрнува. Многу е мило дете и не би знаела што би правела без него. Имав првичен страв на почетокот, мислејќи дека е тешко да се грижам за ова дете, но тоа беше само три-четири дена. Бевме еднаш и во Прилеп да се шетаме, прекрасно ни е со него“, додава таа.

Речиси сите играчки што ги има ова дете се музички, затоа што како што ни раскажа Марина, тој многу ја сака музиката.

Родителите на ова пет и пол годишно дете се во контакт со семејството Теља и често доаѓаа во Крушево да го посетат нивниот син.

„Родителите на ова дете не се откажани од него. Се јавуваат на телефон, доаѓаат кај нас да го видат, постојано се во контакт. Тие се прекрасни луѓе и задоволни се од тоа како се грижиме за нивниот син. Дојдоа да не посетат по три седмици откако го згриживме во нашиот том. На почетокот, ова дете воопшто не се смееше, но го научив и на тоа. Ги распознава луѓето и навистина тоа ни е задоволство“, вели Марина.

Ова семејство имало желба да вдоми уште едно дете, но како што вели Марина, се плаши од реакцијата на запознавањето..

„Сакавме уште едно дете да згрижиме, но ме фаќа страв. Не знам како ќе се однесуваат двете меѓусебно. Затоа што ова што го имам згрижено е многу мирно. Најверојатно ќе си останам со едно. Многу сака да се бања и прв оди во тоалетот штом слушне водата како тече“, порача сопругата на Уни.

Ова пет и пол годишно дете боледувало и од егзема, кожна болест во која може да биде присутно црвенило кое некогаш изгледа како лушпи, или пак да има мали пликчиња кои можат да пукаат или да се инфицираат и е придружена со силно чешање.

Но, Марина правела добри медицински третмани и добро се грижела, а за краток период тие црвени пликови и рани исчезнале од кожата на ова дете.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости