Универзитетски професори, амбасадори, пратеници – поранешни и актуелни, заедничко за сите е што се членови на ВМРО-ДПМНЕ. На дебата на тема „Постизборни процеси и ЕУ-перспективи“ во Штип се согласија дека интеграцијата на државава во Европската Унија е прашање за кое треба да има национален консензус. Пораката во име на учесниците ја испрати поранешниот премиер на техничката влада Емил Димитриев, во чие обраќање можеше да се препознаат и сугестии до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, објави 360 степени.
-Ако се сака да има партиски активизам, тој понекогаш може да биде ограничен визави државниот активизам, зашто партиите, често, едно од првите нешта од кои тргнуваат е рејтингот во даден момент. Човек што размислува подалеку, ако сака да направи нешто за државата, тоа само по себе ќе го инкорпорира и партискиот интерес. Поентата на моето обраќање е – без разлика на не до крај изградениот политички плурализам, силната поларизација во општеството, за да ги решаваме државните интереси, ние мора да имаме минимум консензус меѓу клучните политички фактори, рече Димитриев.
На дебатите во Скопје и во Штип не се слушнаа директни пораки за промени во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, иако индиректно можеше да се прочита несогласување со стратегиската ориентација на партијата под актуелното раководство.
Друга група членови на ВМРО-ДПМНЕ, организирани во Иницијативен одбор за свикување вонреден конгрес, обвинуваат дека партијата ниту се европеизира ниту ги подобрува односите со меѓународната заедница, како дел од целите заради кои Мицкоски бил избран на валандовскиот конгрес во 2017 година. Го обвинуваат дека не успеал ниту да ги подобри коалициските капацитети ниту, пак, да ја обедини партијата.
-Партијата сè повеќе се затвора наместо да се отвори кон членството, да се седне да се разговара во кој правец оди партијата – дали ќе се движиме кон подобрување на односите со нашите сестрински партии од Европската народна партија или зближување кон источниот блок, бидејќи таа дилема во ВМРО-ДПМНЕ постои. Имаме членови кои се за движење и во тој и во тој правец, но раководството не дава јасна насока во кој правец се движи партијата и тоа мора многу брзо да се одреди. Верувам дека една од главните задачи на новото раководство на партијата ќе биде токму тоа, вели Борче Стамов.
360 степени има сознанија дека со слични ставови е уште една група партиски членови од охридско-кичевскиот регион, предводени од виден лекар, поранешен функционер. Засега нема информации дали групата ќе дејствува самостојно или ќе се приклучи кон некоја од веќе идентификуваните иницијативи.