Инсистирав на седница на Собранието на која би постигнале договор. Претседателот не се изјасни, само промрморе: „Зошто се врати од Њујорк?“ и, за првпат, благо заповеднички рече: „Врати се таму“. Му одговорив дека нема да одам во Њујорк без заеднички став, зашто ова е момент на одлука, која големите западни сили ја очекуваат од нас, токму како што им ветивме.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Вистината за нешто се сите факти за тоа, а не работи што се замислуваат или се измислуваат. ( Англиски речник „Колинс“)
На приемот на Република Македонија во Обединетите нации, на 8 април 1993 година му претходеше една трескавична активност на линија Њујорк – Скопје.
Во месец март, тукушто вратен од серија разговори во светската организација, отидов да му реферирам на претседателот Глигоров и да се договориме за идните чекори.
Како и секогаш во двете години перфектна соработка, каква што само може да биде меѓу истомисленици, јас секогаш кажував што мислам дека треба да се направи, а претседателот, по правило, се согласуваше.
Овојпат беше поинаку. Имавме различни ставови за идните чекори на државата и за одговорноста што треба да се понесе.
Всушност, се работеше само за уште еден чекор што треба да го направиме за да влеземе во ОН зашто вратите на светската организација конечно се отворија за македонската држава.
Јас сметав дека наша обврска, во таков историски момент, е сите партии да се обединат околу еден заеднички став со кој би ја разрешиле наметнатата дилема: брз влез во ОН со референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ или неизвесна борба за уставното име како непризната територија надвор од ОН.
И едниот и другиот став имаа свои предности и свои мани. Но, едно ми беше јасно: дека ова е момент на одлука во чие донесување мора да учествуваат сите – власта и опозицијата.
ПРВПАТ РАЗЛИЧНИ СТАВОВИ СО ГЛИГОРОВ
Инсистирав на седница на Собранието на која би постигнале договор. Му ги предложив на претседателот постапките што треба да ги преземеме за да се обидеме да стасаме до единство, оние кои, некој ден подоцна, ги изложив во мојот последен говор пред парламентот.
Претседателот не се изјасни, само промрморе: „Зошто се врати од Њујорк?“ и, за првпат, благо заповеднички рече: „Врати се таму“.
Му одговорив дека нема да одам во Њујорк без заеднички став, зашто ова е момент на одлука, која големите западни сили ја очекуваат од нас, токму како што им ветивме.
Не можев да прифатам дека е можна ситуацијата партиите да не постигнат согласност околу толку важно прашање за народот и државата и победнички да влезат во финалето на една исцрпувачка двегодишна борба за меѓународно признавање.
Вистина, ова не беше првпат да инсистирам да се изгради единство меѓу власта и опозицијата околу некое надворешно-политичко прашање, за секогаш да го добијам истиот одговор од претседателот: „Такво единство не е можно“.
Дека, сепак, некаде е можно, покажа примерот на Словенците, кои, токму тие години, постигнаа согласност во парламентот за поддршка на надворешната политика и одлагање на меѓупартиските расправии за после приемот во ОН.
Постојано во странство, не знаев колку Глигоров се вложуваше во градењето на тоа единство дома.
Знаев само дека зад секоја успешна политика надвор, стои тешка домашна задача. Му верував на зборот дека „сто пати“ разговарал со водачот на ВМРО-ДПМНЕ, но тој „ништо не разбира“.
ОХРАБРЕН ОД РАТКА ДИМИТРОВА
Охрабрен од зборовите на пратеничката Ратка Димитрова, која, тие денови дојде кај мене на разговор во Министерството, помислив дека, како и таа што ме разбра, можеби и целата пратеничка група на партијата ќе разбере.
Имено, откога ѝ објаснив што се случува со нашиот прием во ОН, таа кажа дека верува во мојата искреност. Некој од опозицијата да верува некому од власта беше ретко во тие времиња на сомничења и отворено непријателство.
Раководен од демократските принципи запишани во книгите, со верба во човековиот разум и добрина, одбивав да ја прифатам бруталната политичка реалност на македонската политика.
Имено, дека и во судбински моменти за народот и државата, себичниот личен и партиски интерес може да надвладее, па макар пропаднала и државата.
Така, без поддршка на претседателот, кој, како што се виде подоцна, имал планови како всушност да го заобиколи парламентарниот „змијарник“ и безбедно да ја воведе државата во светската организација, се одлучив разумот да го спротивставам со грдата реалност.
На излегување од претседателовиот кабинет се судрив со премиерот Црвенковски, кој ми дофрли како слушнал дека сакам да зборувам пред парламентот и праша „Што ќе кажеш?“.
Како некој што ги пали сите мостови во политиката зад себе, свесен дека сите одлуки за надворешната политика се кај претседателот, му дофрлив само едно „Ќе чуеш“, и заминав.
Не беше тоа знак на непочитување, туку на фактот дека никогаш порано со Црвенковски не сме разговарале на таа тема, а сега беше веќе доцна.
По цена да ми се тресат колената и да добијам тахикардија од заглушувачкиот хаос и личните навреди од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која секогаш ја доживував како пуштени лавови од подрумите на македонскиот парламент, решив да си го кажам своето.
Сам во клупите на македонскиот парламент, без поддршка на претседателот и на владата, надежта ми беше само дека разумни зборови железни врати отвораат и дека така ќе му докажам на претседателот и на владата дека чуда се можни.
ГОВОР ВО СОБРАНИЕ
Колку глупаво од моја страна. Или можеби доблесно? Совеста и силното чувство на мисија не ми дозволуваа да постапам поинаку. Еве што им реков на пратениците.
„Пратеници,
Последниот престој на делегацијата на Министерството за надворешни работи во Њујорк имаше за цел да го покрене закочениот механизам за прием на нашата држава во Обединетите нации.
По двонеделни разговори, триесетина на број, со претставници на земјите-членки на Советот за безбедност и со генералниот секретар Бутрос Гали, пријавата на нашата република е пуштена во процедура.
Тоа значи дека генералниот секретар со свое писмо ја испрати нашата пријава до претседателот на Советот за безбедност, а тој ја проследи до членовите на Советот и до сите членки на Обединетите нации.
Причината за задржувањето на нашата пријава е отпорот на Република Грција, која, како што ви е познато, се противи со нашето зачленување под името „Република Македонија“.
Фактот дека по двонеделниот престој успеавме да се избориме нашето барање да влезе во формална процедура, не значи дека е отклонета пречката на патот на наш нормален прием во ОН.
Напротив, пречката наречена Грција сѐ уште ни е на патот, и тоа значително ќе го компликува нашиот прием. Од правен аспект не постои ниту една пречка ние да станеме членка на ОН во една мошне кратка процедура.
Имено, ги исполнуваме условите на Повелбата, што ќе рече, нѐ сметаат за цивилизирана држава, која притоа води мирољубива политика. Меѓутоа, оној момент кога Грција отпочна жестока кампања против Македонија и нејзиното уставно име, создаден е политички проблем.
Грчката аргументација, како што ви е познато, е дека така ќе се легализира постоењето на една експанзионистичка држава, која има територијални претензии кон неа.
Се разбира, никој не верува дека двомилионска Македонија, економски сиромашна земја без воена сила, може да ја загрози Грција, членка на ЕЗ и на НАТО.
Меѓутоа, добар дел од претставниците на земјите со кои разговарав се убедени дека ќе има проблеми во регионот ако бидеме примени со нашето име во ОН.
Тој заклучок го извлекуваат од разговорите со Грција, која се заканува со тотално затворање на границата, неизвесност околу поведението на грчката војска, како и од сознанието дека обичниот грчки човек го тресе националистичка грозница.
ГРЧКОТО ПРОТИВЕЊЕ
Фактот дека на паролата на грчкоста на Македонија може да се соберат еден и половина милион луѓе на улиците на Атина и на Солун, земјите-членки на Советот за безбедност ги тера да прават паралели со поведението на други земји од минатото или денес, зафатени со националистичка еуфорија, што резултира со нивна претпазливост по прашањето за нашиот прием.
Морам да речам дека постои и искрена загриженост за нашата судбина. Од друга страна, тука се интересите што ја поврзуваат Грција, земја-членка на ОН, ЕЗ и НАТО со другите земји во светот, а особено со двата највлијателни центри на економска и воена моќ во светот, САД и европската заедница. Тие интереси, како што ни покажува искуството со признавањето од страна на европската заедница се мошне силни и знаат да ги потиснат принципите на правото.
Токму од овие причини, нашиот прием во ОН нема да биде лесен и треба да се подготвиме да истрпиме удари, како впрочем и досега, и кога правдата е на наша страна.
Затоа, држејќи се до принципите на правото и на правдата, кои во крајна линија се во корист на малите држави, треба да разбереме дека во политиката постојат законитости што го прават овој свет многу несовршен.
Разбирајќи ги тие закономерности, се заштитуваме од непотребни жртви, кои можат да го загрозат нашиот опстанок.
Значи, сплетот на интереси со кои е изврзан светот налага додатни напори и трпение кај тие што сакаат да се изборат за своето место под сонцето, како што е тоа случај со Македонија, која, да не заборавиме, притоа сака целта да ја постигне со мирни средства.
Затоа, не е доволно само нешто да се сака да се постигне, туку мораме да разбереме дека постојат законитости во светската политика, кои се вон нашата волја и надвор од нашата моќ.
Постоењето интереси не значи дека секаква борба е залудна. Напротив. Но, во ситуацијата во која се наоѓаме, треба многу повеќе труд и ум, а помалку емоции.
Мислам и дека така и се однесуваме во последниве две години. Последица на таквото однесување на Република Македонија, во целиот период на борбата за независност е успехот што го постигнавме со мирни средства и со силата на аргументите, успех кој често не умееме да го препознаеме, уште помалку гласно да го искажеме. За каков успех зборувам?
УСПЕХ СО МИРНИ СРЕДСТВА
Прво, Република Македонија денес во светот се прифаќа како независна држава. Значи, границите на оваа држава се врежани во политичката карта на Европа и на светот.
Доколку некој смета дека тоа е едноставна работа и нешто што се подразбира само по себе, би ве потсетил на судбината на многу народи далеку побројни од македонскиот, кои со векови се борат за држава, а изгледите за поволен исход не се ниту на повидок.
Впрочем, доволно е да ја погледнеме нашата сопствена историја, за да се увериме дека зацртувањето на границите на нашата држава во картата на светот е огромно достигнување.
Второ, Лисабонската декларација е дерогирана. Европа и светот сфатија дека сечењето на врската меѓу нацијата и државата, Македонија-Македонци е нешто што нема да го дозволиме.
Нема да го дозволиме заради нас самите зашто така би го загубиле нашиот идентитет, но и заради мирот на Балканот зашто така би се повампириле сеништата од минатото, како борба на околните народи за нашите души и нашата земја.
Трето, освоивме симпатии во светот со нашето однесување. Ако некој мисли дека е тоа мала работа, помислете само во каква положба би биле како држава ако ги немаме симпатиите на моќните и на другите држави во светот, уште повеќе ако тие би биле наши противници.
Меѓутоа, ништо не е вечно на овој свет: државите настануваат или не настануваат, живеат или пропаѓаат, одлуките се донесуваат, но и се менуваат, а тешкостекнатите симпатии лесно се губат.
Пратеници, дозволете ми да ве соочам со моите сознанија од средбите во ОН, како и со патот што треба да го изодиме.
Познато ви е дека потребни ни се девет гласови од петнаесет, за нашата пријава да се најде пред Генералното собрание. Меѓутоа, не е во прашање проста математика.
Кога би било така, тогаш би можеле да сметаме на девет гласови меѓу овие петнаесет земји: САД, Кина, Русија,Велика Британија, Франција, Јапонија, Шпанија, Унгарија, Мароко, Зеленортските Острови, Венецуела, Бразил, Нов Зеланд, Пакистан и Џибути.
Меѓутоа, со оглед на фактот дека двата центри на економска и воена моќ, европската заедница и САД, чии интереси се силно испреплетени со тие на Република Грција, се чини, не се подготвени во овој момент целосно да застанат зад нашето барање.
Тоа го прави неизвесен брзиот прием на нашата држава во ОН. Имено, раководени од причините што ги изнесов на почетокот, а тоа се, да повторам, грижата за состојбите во Грција и можната внатрешна дестабилизација, однесувањето на оваа држава кон нас со последици по целиот регион, како и нејзините силни сојузнички врски на воен и економски план, европските земји, Велика Британија, Франција и Шпанија не се спремни да го поддржат нашиот прием под името „Република Македонија“, а на гласање би апстинирале.
Затоа од нас бараат да направиме некаков компромис. Оттука и нивната најнова иницијатива со „поранешна југословенска Република Македонија“.
ТРИ ЗЕМЈИ ПРОТИВ
Постои, притоа, голема веројатност трите земји-членки на ЕЗ да обезбедат поддршка за својот план во рамките на Советот за безбедност.
Меѓутоа, тогаш ќе мора да се слушне и нашето мислење и ние ќе можеме да кажеме дали го прифаќаме овој план или не. Инаку, при престојот во ОН, во разговор со Генералниот секретар, тој се согласи формално да почне процедурата, истакнувајќи дека ризикот од исходот го зема Република Македонија, предупредувајќи дека, во тој случај, формалната процедура ќе трае долго.
Дали требаше да инсистираме нашето барање да влезе во формална процедура?
Одговорот е потврден. Имено, патот што го изминавме од извештајот на Арбитражната комисијана Бадентер, а особено тоа што се случуваше по извештајот, нѐ увери дека Грција поседува силни институционални механизми во европската заедница и силни неформални облици на влијание во светот, во недоглед да го држи прашањето за нашето признавање.
Оттаму и нашето барање за прием во ОН да се формализира и како такво да се најде пред Советот за безбедност, во процедура која има свој почеток и свој крај. Меѓутоа, инсистирајќи на нашето право во ОН да влеземе со нашето уставно име, можно е да се соочиме со следниве ситуации на кои треба да бидеме подготвени.
Во врска со приемот во ОН од процедурален аспект. Грција и нејзините сојузници може да го одолжуваат ставањето на точката на дневен ред на Советот за безбедност.
Под претпоставка дека тоа бргу ќе се случи, можно е Комисијата за прием на нови членки да ја испитува легалноста на нашата пријава до шест месеци.
Доколку, пак, Советот за безбедност би се нашол во ситуација да гласа за нашата пријава, постои голема веројатност денес да не ги добиеме нужните девет гласови и со тоа ќе треба постапката да се обнови.
Постои можност, условно речено, во недоглед да бидеме блокирани во нашиот прием во светската организација.
ЗАКАНИ ЗА БЛОКАДИ
Во врска со нашата економија. Грција отворено вели дека ќе ја затвори границата кон Република Македонија за секаков проток на стоки и луѓе, во случај на прием под името „Република Македонија“.
Тоа значи дека проблемите на границата ќе продолжат како и до сега, а можно е да се интензивираат со закана за тотална блокада.
Тука се и прашањата врзани за безбедноста на границите и за внатрешната безбедност за кои треба да расправа владата, кои можат да се расправаат и на затворена седница на парламентот.
Од ова заклучувам дека повторно ќе треба многу труд и трпение за да влеземе во ОН со нашето име, Република Македонија. За предностите од таквиот исход, посебно во поглед на националната кохезија и достоинството на народот, не би сакал да зборувам, затоа што тие работи се евидентни.
Укажувам само на тешкотиите или на дел од тешкотиите што ни стојат на нашиот пат, кои, доколку не ги земеме предвид и не ги пресметаме во цената на борбата за независност, можеме да предизвикаме уривање и на ова ниво на национална кохезија и губење на ова достоинство што денес го имаме.
Пратеници,
Во меѓувреме, по моето враќање од Њујорк стаса иницијативата на трите земји-членки на европската заедница – Велика Британија, Франција и Шпанија, со писмо од министерот Херд до претседателот Глигоров.
Разбравме дека овие земји го запознале со својата иницијатива претседателот на Советот за безбедност, мароканскиот амбасадор Снуси.
Пораката што ја упатив до поранешниот и сегашниот претседател на Советот за безбедност е следната: Ништо што се однесува до барањето на Република Македонија не треба да се разгледува во Советот, па макар и на неформална седница, без претходно Македонија да се запознае со предлогот што се разгледува и без таа да даде свое мислење и своја аргументација.
Од Советот за безбедност стаса уверување дека така ќе се постапува. Мислам дека денес не е време да се изјаснуваме за иницијативата, меѓу другото и затоа што треба да се соберат сите релевантни факти и да се одговори на сите прашања пред тоа да се стори.
Потребно е, исто така, да се создаде една работна атмосфера, а за тоа е најпогодна Комисијата за меѓународна соработка на собранието. Доколку не постојат нормативни пречки, оваа комисија може да биде зајакната со по еден или двајца претставници на партиите и таа да биде во постојано заседание.
Одлуките што во иднина треба да се донесуваат се од таков карактер што е нужен меѓупартиски консензус на сите сили во Парламентот.
Се разбира, консензусот не значи дека сите треба да мислиме исто за признавањето и членството на Македонија во ОН, туку да се обврзат на почитување на одредени правила на однесување, на извесен бон-тон.
Имено, потребна е лојална опозиција што ќе ги стави настрана партиските интереси и ќе ѝ помогне на власта да се стаса до заедничката цел – прием во Обединетите нации и меѓународно признавање.
ОПАСНОСТ ОД ШОВИНИЗАМ
Понатаму, нужно е да се почитуваат демократските правила, особено правилото што налага да се поклониме пред волјата на мнозинството граѓани претставени преку пратеници во парламентот.
Но, тоа, исто така значи дека мнозинството, кога станува збор за витален државен интерес, каков што е приемот во Обединетите нации, треба да се однесува со должен респект кон мислењето на опозицијата, информирајќи ја за сите преземени чекори.
Пратеници,
Дозволете ми на крајот да прозборам за едно свое стравување во овие моменти. Жестокиот грчки настап во последниве две години и уцените што ги преживеавме со прекинот на проток на стоки од солунското пристаниште, како и малтретирањето на нашите луѓе на границата, создаде разбирлива атмосфера на отпор меѓу граѓаните на Република Македонија.
Понекогаш во овие две години помислував нели е крајната цел на ваквото однесување тој отпор да прерасне во отворен шовинизам, кој би се судрил со грчкиот и, се разбира, би доживеал пораз.
Македонија, тој луксуз не смее да си го дозволи. Нашата социјална енергија мора да ја насочиме кон решавање на фундаменталните социјални, политички и економски проблеми, меѓу кои се и изградба на еден демократски политички систем, на пазарна економија и конкретни чекори за подобрување на меѓунационалните односи.
Со еден збор, да ги средоточиме нашите сили на изградбата на подобро и побогато општество. Ете широко поле за натпревар на балканските народи“.
(Продолжува)