Судот доцна вечерва донесе решение со кое му се одреди 30 дена притвор на бизнисменот Орце Камчев, кој е првоосомничен во најновата истрага на СЈО под кодното име „Империја“.
Притвор од 30 дена добиja и Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски, Цветан Панделески од ЗК Пелагонија и за Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев.
За останатите тројца се уште се чека одлуката дали и за нив ќе се одреди истата мерка, информираше Катица Јанева.
Од СЈО вчера информираа дека е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост, информираа од СЈО.