3.000 дози вакцини за 3.000 граѓани – меѓу нив најстарите со хронични болести и луѓето во старските домови

by fokus

Три илјадите дози вакцини од руската Спутник V против Ковид-19 ќе бидат наменети за 3.000 граѓани, а според планот за имунизација после здравствените работници треба да се вакцинираат најстарите граѓани со хронични болести и лицата сместени во старските домови, објасни министерот за здравство, Венко Филипче по преземањето на првата пратка на вакцините на скопскиот Аеродром.

Тие ќе бидат известени преку своите матични лекари и ќе се вакцинираат во најблискиот пункт, додека вакцинацијата во старските домови ќе се врши таму.

Вакцината е замрзнат раствор од 0,5 милилитри, за еден корисник, а ќе се чува во фрижидерите во пунктот во „Јане Сандански“ и за разлика од вакцината на Фајзер каде од една виала се вадеа по шест дози, од оваа вакцина една виала е за еден корисник. Па така за три недели треба да стигнат следните 3.000 дози за ревакцинација на граѓаните кои ќе ја примат оваа вакцина, но и преостанатите дози од нарачаните 200 илјади руски вакцини.

-Станува збор за вакцини кои што се различни во делот на вакцинацијата и ревакцинација, што значи дека сите овие дози ќе се користат за прва вакцина. Продложува процесот на имунизација во доменот на здравствените работници и според индикацијата и на граѓани и онака како што е предвидено во националниот план за вакцинација, рече Филипче.

Пратката е преземена преку службата на ДХЛ од Москва во Белград каде стигнале и одредени количини за Србија, заедно со овие 3000 за нас. Според Филипче, оваа вакцина има предупредување за претпазливост само за трудници и доилки.

Поврзани новости