Тортевски за „Змиско око“: Цели 14 години укажував дека обвинението има мани кои ниту „хируршки “ не можат да се отстранат!

by fokus

По 14 години судска голгота, обвинетите во случајот „Змиско око“, за еден месец очекуваат дека конечно дека ќе го дочекаат крајот кој оддамна го посакуваат, односно ќе добијат ослободителна пресуда. Денеска во Кривичниот суд, педесетината обвинети инкасанти од патарините, ги дадоа своите завршни зборови, а во февруари или март се очекува и објавување на пресудата.

Ослободителна пресуда очекува и адвокатот Александар Тортевски, кој е дел од одбраната во овој случај.

„Фокус“ го објавува неговиот завршен збор, за кој дел од обвинетите на кој и не им е бранител, велат дека го потпишуваат со двете раце.

Адвокатот вели дека кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 ст. 5 се смета за докажано кога ќе се докаже постоењето на трите елементи на законското битие на делото: својство на сторител (службено лице), висина на штета и делото да е сторено на штета на Буџет или јавни фондови. Според него, обвинителството и по толку години не успеало да докаже ниту еден од овие елементи.

„И по цели четиринаесет години, обвинителството не успеа да го докаже постоењето на ниту еден од наведените елементи на делото, а  судот наместо уште во првите години од постапката тоа да го констатира, тој си заземаше улога на коректор на обвинителските пропусти. Имено, основниот елемент кај ова дело – висината на причинетата штета, неспорно се покажа дека не може да биде утврден во текот на постапката. Тоа беше сосема очекувано уште во самиот старт кога Обвинителството беше доста креативно создавајќи sui generis институт, досега невиден во кривичното право – “претпоставена штета” и кога предложи ваквиот феномен да се докажува во дополнителна постапка, свесно дека нејзиното докажување во редовната постапка е невозможна мисија.

Судот, за жал, во изминатите фази од постапката, наместо да го санкционира обвинителството за поднесување избрзани, нестудиозни и “креативни”  обвиненија, тој се обидуваше да го оправда, иако имаше можност вака поставениот обвинителен акт да го отфрли уште на самиот почеток, по приговорот против него.

Идејата и на обвинителстовто и на судот беше вака поставената “претпоставена штета” да се докаже, меѓутоа, гледате и самите, тоа е непостоечка формулација неподобна за докажување. Напатствијата од второстепениот суд беа дадени во насока да се утврди штетата што секој обвинет ја причинил поединечно, а со тоа и неговата вина, но тоа не е возможно во овој случај. Самите вешти лица во своите искази на главна расправа беа децидни во тврдењето дека е практично невозможно да се утврди штетата причинета од секој обвинет поединечно, а со тоа и вкупната причинета штета. Ова од причина што повеќе лица кои ниту работат заедно, ниту се познаваат, а се во случајот сообвинети, не можат да се координираат меѓусебно како заеднички би вршеле кривично дело. Консеквентно на тоа, и кај мојата клиентка вината не може да се утврди и да се докаже.

Понатаму, да се осврнам на институтот “штета на буџетски средства и средства од јавните фондови”. Прво и основно, Судот мора да ја има предвид  административната поставеност на ЈП Македонија Пат во системот на јавна власт. Овој орган не генерира директни приходи за државниот буџет, напротив, преку договор со Фондот за патишта, услужно наплаќа патарина и пренесува дел од своите приходи кон него. Судот мора да биде доблесен и да внимава да не навлезе во екстензивно толкување на одредбата “на штета на Буџет и јавни фондови” бидејќи, argumentum a contratrio, ако широко толкуваме, сторител на ова дело e и продавач во локална трафика кој продал една кутија цигари без да издаде фискална сметка бидејќи го оштетил Буџетот за делот од цената на цигарите во која е засметан данокот на додадена вредност и акцизата.

Третиот елемент- својството на сторителот на делото, исто така докажува дека обвинителството несмасно се впуштило во докажувањето на вината во овој случај. Ако се анализира внатрешната систематизација на работни места во ЈП Македонија Пат, ќе се види дека обвинетата била вработена на седмо од вкупно осум нивоа на работни места според хиерархијата, а под тоа ниво биле единствено хигиеничарите. Оттука се поставува прашањето кој се’ може да се подведе под категоријата “службено лице”. Следствено на тоа, исто како и претходната споредба, ако широко толкуваме, службеник е и хигиеничарката. Таа може да биде сторител на кривичното дело од чл. 353 ст. 5 доколку метлата со која чисти, која е набавена од јавни средства, си ја зела дома, бидејќи со тоа дејствие истовремено го оштетила и Буџетот. Впрочем, објект на заштита на ова кривично дело е законитото работење на највисоките функционери на јавната власт и Судот тоа мора да го има предвид кога им суди на обични инкасатори за злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување на буџетот.

Уште од почетокот на судската постапка, постојано предупредував дека обвинителниот акт има конгенитални маани, што од медицински аспект објаснето, се маани што ниту хируршки не би можеле да се отстранат, а поради кои организмот не може да функционира. Ваквата аналогија ја поставив токму од причина што самото обвинителството и судот моите укажувања ги занемаруваа во очекување дека ваквите конгенитални недостатоци, низ самиот процес постепено ќе се отстрануваат. Меѓутоа, се разбира, резултатот беше сосема извесен- постапка развлечена повеќе од 10 години, поставена на дефектно обвинение, недокажана штета, воведување непостоечки институт- претпоставена штета, првичен број на обвинети намален за четири, поради смрт на четворица во текот на оваа маратонска постапка, што само по себе доволно зборува за манливоста на оваа судска постапка.

Многу пати во текот на овој процес, нагласував дека судот може и мора да изврши преквалификација од став 5 во став 1 од чл.353 од КЗ и да констатира дека вака преквалификувано, делото е застарено. Останувајќи на моменталната правна квалификација, од сето наведено може да се заклучи дека не е исполнето битието на кривичното дело од чл. 353 ст.5 кое и се става на товар на обвинетата, поради што предлагам таа да биде ослободена од обвинение“, истакна адвокатот Тортевски во својот завршен збор.

Обвинетите во овој случај беа уапсени во 2007 година, под обвинение дека половина од парите за патарините ги ставале во џеб. Потписник на обвинението беше обвинителката Вилма Русковска, сегашната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Во два наврати Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше, по што судењето почна од почеток по трет пат.

Валентина Вурмо

 

 

 

Поврзани новости