Александар Наумоски, актуелниот директор на истражниот затвор „Скопје“, на претстојните локални избори, по втор пат, ќе се обиде да ја добие довербата на жителите на скопската општина Ѓорче Петров, откако во 2013 година, обвини дека му бил украдена победата. Наумовски е дипломиран правник и магистер по човекови права. Тој е долгогодишен член на СДСМ. Од 2005 до 2009 година е советникот во Советот на Општина Ѓорче Петров, а од 2009 до 2013 година советник во Советот на Град Скопје.
Разговараше: Валентина Вурмо
ФОКУС: Иако од неодамна сте поставен за директор на истражниот затвор „Скопје“, решивте да учествувате во трката за градоначалник на Ѓорче Петров. Зошто се одлучивте на овој чекор?
НАУМОСКИ: Искрено и одговорно, во оваа трка влегувам по барање на граѓаните на општина Ѓорче Петров. Четиригодишната поддршка што ја добивав од нив, се потврди и со големиот рејтинг од анкетите и анализите. Директорската позиција на која сум е премногу одговорна со што премиерот и Владата ми укажаа голема доверба. И пред четири години бев во приватниот сектор и менаџер на акционерско друштво. Но и тогаш и сега сакам целосно да се посветам на општината. Убеден сум дека победата ќе биде извојувана заеднички со мојот тим и граѓаните на општината и дека на крајот ќе го вратиме Ѓорче на граѓаните. Ѓорче за сите, тоа е мојот единстен мотив.
ФОКУС: Учествувавте и на претходните локални избори, но тогаш обвинивте дека победата ви беше украдена. Што точно се случи?
НАУМОСКИ: Се случија многу работи слични или идентични на сето она што сите го слушнавме во материјалите од проектот „Вистината за Македонија“. Од гасење на струја, снемувања ливчиња, поткупи и уцени. Едноставно, не се бираа средства во борбата Ѓорче Петров да остане под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и Сокол Митровски.
ФОКУС: Во таа изборна трка најавивте дека ќе поднесете кривични пријави против Никола Груевски, Зоран Ставрески и Сокол Митровски, за прекршување на избирачкото право. Дали поднесовте пријави и која беше правната разврска на овој случај?
НАУМОСКИ: Поднесов пријава пред третиот изборен круг. Заради злоупотреба на државни ресурси и отварање на училиште помеѓу изборните кругови. Тоа што се случуваше беше под секое човечко ниво, постапки кои се јавна тајна во Ѓорче. Знаеме сите дека МВР, обвинителствоо и судството беше под целосна контрола на оние против кои поднесов пријава и не можеше да се очекува никаква праведна одлука за моите пријави против Груевски, Ставревски и Митровски. Пријавата со целокупниот доказен материјал остана во фиока, имам информација дека била одбиена како неоснована за што до ден денес не сум известен како странка во постапката. Сепак тоа е минато. Убеден сум дека граѓаните поддршката ќе ја дадат за личност и човек со искрени и чесни намери да смени нешто во наше Ѓорче.
ФОКУС: На претстојните локални избори против кандидат ќе ви биде Владо Мисајловски. Што мислите зошто ВМРО-ДПМНЕ од изборната трка го повлекува досегашниот градоначалник Сокол Митровски?
НАУМОСКИ: Дури и на ВМРО-ДПМНЕ им стана јасно дека Митровски одамна ја изгуби довербата од граѓаните и дека не беше нивната таканаречена помош во 2013 година, Сокол одамна ќе беше поранешен градоначалник на Ѓорче Петров и сега залудно се надеваат на негова замена со Владо Мисајловски. Практиката да се замени личност со личност, а да останат истите практики, не проаѓа. На Ѓорче му треба нов начин на менаџирање со општината и пристап и транспарентност со граѓаните.
ФОКУС: Дали ви е познато во каква финансиска кондиција Митровски ја остава општината?
НАУМОСКИ: Тоа што ни е познато е од јавните документи за извршувањето на Буџетот. Свесен сум дека локалната власт во спрега со тогашната државна власт има направено многу финансиски дубиози. Во име на искреноста и одговорноста кон ѓорчевци, веднаш ќе биде објавена состојбата со општинската каса. Парелелно сите малверзации и злоупотреби ќе бидат соодветно испитани.
ФОКУС: Како го оценувате вашиот противкандидат Мисајловски, кој еден период беше министер за транспорт и врски, а претходно беше и на позицијата директор на јавното претпријатие за државни патишта. За време на неговото минстерување почнаа и изградбите на автопатиштата, за кои се открија низа неправилности и злоупотреби?
НАУМОСКИ: Иако наоколу сака да се претставува како „дете од Ѓорче“ факт е дека и за годините министерување и за тие претходно, реално не направи ништо за да и помогне на општината иако имаше безброј можности да го направи тоа. Општ впечаток е дека Мисајловски комплетно ја напушти и заборави општина Ѓорче Петров. Сега како кандидат на опозициска партија, лицемерно се појавува помеѓу неговите поранешни соседи, познаници и пријатели и им ветува проекти што досега можел да ги направи, но наместо тоа, тој реши безрезервно да му служи на Груевски и да ги игнорира потребите на ѓорчевци и за тоа ќе биде казнет на изборите. Во однос на неправилностите околу автопатиштата, верувам дека надлежните органи ќе спроведат темелна истрага и доколку се докаже каква било злоупотреба, секој ќе си ја понесе сопствената одговорност, вклучувајќи го и мојот противкандидат.
ФОКУС: Актуелната локална власт во Ѓорче Петров, исече половина парк во оваа општина, за да на тоа место се изградат две комерцијални згради. Дали, доколку седнете на градоначалничкото столче, ќе го истражите овој случај, поради сомнеж за бизнис интереси?
НАУМОСКИ: Секако. И тоа не само овој случај, туку ќе следува темелна ревизија на целокупното досегашно работење на градоначалникот и општинската администрација. Ќе биде спроведена комплетна и независна ревизија која ќе го истражи досегашното работење и резултатите од ревизијата ќе бидат дадени на увид пред граѓаните, за тие да знаат како општината работела досега, а доколку се појават незаконски дејствија, за нив ќе треба да се произнесат надлежните правосудни органи.
ФОКУС: Во дел од општината се уште нема канализациона мрежа, а дел од граѓаните плаќаа по 500 евра за приклучок, за кои СДСМ обвини дека општината ги искористила за други проекти. Кои се вашите сознанија?
НАУМОСКИ: Јавна тајна низ општината е дека локалната власт зеде пари од граѓаните за изградба на канализациона мрежа и истата не ја испорача, во Волково, Кисела Јабука, Стопански двор. Во Орман и Никаштани воопшто и нема. Многу семејства ги дадоа и последните пари од своите заштеди или пак уште пострашно, се задолжија, за себе и за своите блиски да обезбедат нешто што природно му припаѓа на секој граѓанин на една европска метропола – пристап до функционална канализациона мрежа. Тоа е еден од најнесреќните проекти на локалната власт во заминување и грешка што веднаш ќе ја исправиме. Недозволиво е во 21виот век на само неколку километри од центарот на градот луѓето да користат септички јами и сами да се снаоѓаат со фекалните одводи. Мора да се ревидира целиот проект, како и намената на парите од граѓаните дали навистина се користеле за канализацијата или биле пренаменувани. Имајќи во предвид дека се пробиени сите рокови за целосна изградба.
ФОКУС: Што ќе им ветите на жителите на оваа општина за да ја добиете нивната доверба?
НАУМОСКИ: Ветувањата што ги давам пред моите сограѓани, не се популистички, ниту пропагандистички, туку тие се базираат на реалните проблеми и потреби на граѓаните. И јас и мојот тим ги знаеме проблемите на граѓаните во сите населени места од општината и имаме остварливи решенија. Нова амбуланта и градинка во Дексион, градинка во Волково, безбедни сообраќајници, контролирана градба и урбанизација, се само дел од приоритетните мерки за решавање на најголемите проблеми. Накратко, мојата визија за Ѓорче е визијата на секој жител во општината. Ѓорче Петров да биде уредена, еколошка, модерна и урбана општина која ќе биде посакувано место за живеење. Во остварувањето на таа мисија нема да бидам сам, туку ќе се потпрам на искуствата, капацитетите и ангажираноста на мојот тим и моите сограѓани со кои постојано ќе соработувам, а се со цел да најдеме решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните и општината. Препорачувам да ја видат програмата, истата е произлезена од граѓаните. Најважно ветувам одговорност, чесност, транспаретност и домаќински пристап за секој проблем и решение.
ФОКУС: Од 2009 до 2013 година бевте советник во Советот на Град Скопје, што значи и дека сте биле директен сведок на начинот на кој градот го смени својот лик, односно од зелена оаза, стана град на бетон и мермер. Дали и во овој случај превагнаа бизнис интересите?
НАУМОСКИ: Не само бизнис интересите туку и лукративните желби на еден човек, Никола Груевски. Во тој процес Град Скопје беше само нем извршител. За жал, граѓаните и градот платија превисока цена само за да се задоволат криминалните апетити на еден човек. Се доведовме со ситуација да не си ги препознаваме сопствените населби, сопствениот град, само заради тоа што некој на наша штета остварил некаква провизија или лична корист. Тоа мора да го промениме, мора да докажеме дека е возможно и исправно да работиме во интерес на граѓаните. Мора да им ги вратиме општините на граѓните.
ФОКУС: Бидејќи сте актуелен директор на истражниот затвор „Скопје“’, дали можете накратко да ги опишете условите, бидејќи овој затвор се смета за еден од најлошите во земјава?
НАУМОСКИ: Неодамна, преку посетата на премиерот Зоран Заев на Казнено поправната установа „Идризово“ можеше директно да се увери во катсатрофалната состојба на затворот. Условите во истражниот затвор „Скопје“ се исто толку лоши како и во „Идризово“. Сето останато не се опишува ниту на илјада страници. За жал, како држава постојано потфрламе на градење достојни услови за рехабитилитација и ресоцијализација на осудените лица и на лицата кои во притвор чекаат судски одлуки. Треба да ја градиме Македонија во едно хумано и социјално одговорно општество и соодветни европски стандарди, тоа мора да се однесува и на граѓаните кои издржуваат казни во казенено-поправните установи, вклучително и во истражниот затвор „Скопје“.