Известувачот во сенка на Европскиот парламент за Македонија, словачкиот европратеник Едуард Кукан во разговор со дописникот на МИА од Стразбур, вели дека во ЕП со голем интерес и симпатии се следат активностите на новата Влада, во смисла на иницијативите со кои таа настапува и намерите државата да се ослободи од блокадите и проблемите со Грција и Бугарија.
– Мислам дека тоа е правилна стратегија, но потребно е да се биде многу трпелив и да не се наштетува на сопствените интереси. Јас ги поздравувам новите иницијативи со Бугарија, но јас знам дека тоа многу високо е оценувано. Во тој договор кој треба да се потпише на 2 август има две чувствителни и многу тешки прашања кои не се решени. Прашањето на македонскиот јазик, многу во Бугарија велат дека тој е дијалект на бугарскиот и второто дека е потребно заедно да се празнуваат историски настани. Тоа според мене се многу скокотливи прашања, тоа се нешта за кон не треба само да се има иницијатива, туку и да се следат сопствените интереси на Македонија. Така, јас сакам да почекам да видам каков договор ќе биде потпишан, а потоа само ќе го поздравам или ќе останам воздржан, вели Кукан.
Што се однесува до Грција, според европратеникот, кој е добро запознат со случувањата во и околу Македонија вели дека многу македонски влади се обидуваа да имаат инцијативи.
– Во Брисел и Стразбур со симпатии следиме дека новата Влада сака да презема иницијативи. Уште еднаш ќе кажам, тоа е правилно. Но цената која треба да се плати за тие договори не треба да бидат на штета на Македонија. Тоа мене ме загрижува, додава тој.
Што се однесува до европската агенда, Едуард Кукан очекува соработка меѓу владата и опозицијата.
– Јас би очекувал поддршка и соработка од страна опозицијата со Владата, тоа се прашања кои треба да бидат важни за сите страни. На тоа треба да се работи и да се поддржува и од опозиицјата и од Владата. Ние ќе оценуваме колку одговорно се однесува опозицијата, вели тој.
За прашањето за работата на специјалниот јавен обвинител, кое според словачкиот европратеник е исто така многу тешко, советува објективно да се истражува, да не се прават политички злоупотреби на ова прашање, но од друга страна да не се остави како ништо да не се случило и не се направило.
– Многу луѓе стравуват дека тоа може да биде злоупотребено како политичка освета. Многу е важно сето тоа да се разгледа објективно, без политички намери. Во однос на мандатот на специјалниот обвинител, Владата се надевам дека тоа ќе го реши на одговорен начин. Уште еднаш повторувам дека е потребно објективно да се истражува, да не се прават политички злоупотреби на ова прашање, но од друга страна не може да се остави како ништо да не се случило и не се направило. Во зависност од тоа како ќе бидат решени овие прашања од новата Влада, така таа ќе биде оценувана, истакнува Кукан.