Бројот на вработени во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесува 131 183 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во 1332 институции. Од вкупниот број, 19 594 лица биле вработени во Армијата, МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција. Освен како бројка за овие вработени лица во извештајот не се прикажуваат други детали, други детални анализи и тоа поради законски и безбедносни причини. Деталната обработка и презентација на податоците се врши за преостанатите 111 589 вработени лица. Во вкупниот број вработени влегува целиот јавен сектор, како што е дефинирано во Законот за вработени во јавниот сектор, односно прикажани се податоци за вработените во институциите од државната власт, во општините, јавните установи од областа на образованието, здравството, културата, социјалната заштита, јавните претпријатија итн.
Ова денеска го истакна министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири на прес-конференција на која го презентираше годишниот извештај за вработените во јавниот сектор. Посочи дека за истакнување е дека бројот на вработени во органите на државната власт претставува само 12,2 проценти од вкупниот број на вработени во јавниот сектор, односно од вкупно 131 183 лица во Владата, министерствата, органите во состав на министерствата, самостојните органи на државната управа итн. се вработени околу 15 945 лица.
Од анализата на податоците на Извештајот за 2020 година, посочи министерот, произлегува дека најголем е бројот на вработени лица во дејноста на образованието и тоа со 32 проценти, потоа здравството – 19 проценти, управата – 14 проценти, па вработени во комуналните дејности на јавните претпријатија со 9,6 проценти, дејноста детска заштита и социјална политика се 6,8 проценти.
Тој рече дека споредено со истиот период минатата година бројот на вработени во јавниот сектор е намален и тоа за 1 717 лица. Намалување на бројот на вработени, појасни, има во органите на државната власт.