25 милиони евра биле скриени зад иксовите во договорите со странски инвеститори

by fokus

Државата се откажала од близу 70 милиони евра по основ на даноци и царини, а во прилог на странските инвеститори на кои им следуваат овие даночни ослободувања, кои, пак, од друга страна не ги добиваат и македонските компании.

Оваа бројка е пресметана во вкупното салдо трошоци за странски инвестиции, што достигнува 225 милиони евра за десет години, а во период од 2007 до 2017 година. Поделено со 20.000 работни места отворени во овие фабрики, излегува дека едно работно место ја чинело државата 11.000 евра.

Од дел од овие средства Македонија се откажала преку даночните ослободувања како данок на добивка, данок на доход и поврат на платен персонален данок. Од вкупната сума 225 милиони евра дел се трошоци за промовирање на земјата во странски медиуми, за економски промотори и роуд шоуа, а дел се и пари дадени во кеш.

Последните беа скриени од јавноста со иксови во склучените договори меѓу Владата на Никола Груевски и инвеститорите. Сега јавноста има увид колку вкупно кеш им е даден на странските инвеститори по основ на државна помош, откако новоформираната Влада одлучи да ги декласифицира договорите. По овој основ, велат од таму, се дадени 25 милиони евра.

Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, вели дека проблемот е во тоа што средствата биле доделени со тајни преговори и без никакви критериуми. Се зависело од тоа која фирма како ќе се спогоди. Овие 25 милиони евра фирмата имала обврска да ги искористи за обуки и изградба на градежни објекти.

Трошоците, пак, за нивно привлекување ја чинеле државата 130. 423.013 милиони евра. Од овие средства намногу потрошиле Агенцијата за странски инвестиции, или 107.671.927 евра.

Договорите на сите 25 компании се уште се на сила и Владата не планира да ги раскине, велат од таму, затоа што тоа би покренало судски постапки и дополнителни трошоци. Но за роуд шоуа и промовирање во странски медиуми повеќе нема да се трошат средства од државниот буџет, уверуваат од таму.

За малиот фидбек од странските инвестиции во македонското стопанство, велат од Владата, говори фактот што македонски добавувачи учествувале со само еден отсто во набавките кои ги вршеле овие компании. 99 отсто од добрата ги набавувале од странство.

Од 20.000 работни места, вели Бошњаковски, повеќето се преземени од стопанството, додека само мал дел се новокреирани.

Поврзани новости