24 отсто од учениците во Македонија велат дека се жртви на физичко насилство, а 37 отсто дека не се чувствуваат безбедно во училиште. Ова го покажал научно-истражувачкиот проект „Безбедноста во училиштата“ реализиран од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, заедно со тим на професори од Филозофскиот факултет.
27 отсто од децата, пак, не знаат кому да соопштат дека се жртви на насилство, а често не знаат ниту да го идентификуваат.
-Пред десетина години имавме деца кои можеби не го препознаваа или во помал број го идентификуваа насилството, иако тогаш воопшто не зборувавме за дигитално или сајбер насилство. Денес можам да кажам дека дигиталното насилство е едно од најчестите проблеми со коишто младите или децата се соочуваат. Тоа што за мене е фрапантен податок е дека 37 отсто од децата истакнуваат дека секојдневно не се чувствуваат убаво и безбедно во училиште“, изјави Софија Георгиевска, професорка на Филозофскиот факултет која беше дел од тимот кој го правеше истражувањето.
Таа додава дека родителите, наставниците и стручните служби во училиштата се оние коишто први треба да разговараат со децата и да им овозможат да кажат како се чувствуваат.
Со истражувањето се опфатени над 2.000 ученици од основни и средни училишта на територија на Скопје и во државата.