Новиот барокен објект во кој требаше да се пресели Кривичниот суд, веќе 4 години зјае празен. За него се потрошија 11 милиони евра, но судењата се уште се оддржуваат во старата зграда, во претесни судници, во кои најчесто нема место за сите странки, па дел од нив рочиштата ги следат стоејќи на нозе.
Поголемите судења, особено оние за кои има медиумски интерес, пак, се оддржуваат во судница на Врховниот суд, како на пример за случајот „Диво Насеље“, бидејќи судниците во Кривичниот суд, освен една, се премали за да во нив се сместат повеќето обвинети, нивните адвокати, роднини и јавноста. Токму и затоа беше неопходна изградба на нов објект, бидејќи се губи драгоцено време во чекање на слободна судница.
Темелите на новата зграда беа удрени во 2010 година, а тогашниот премиер Никола Груевски вети дека зградата ќе биде завршена за 18 месеци. Тој дури посочи дека ефикасноста во работењетот, меѓу другото, била поврзана и со просторните и работните услови на судиите и судската администрација. Тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, пак, се пофали дека до тогаш никој не вложил повеќе средства и напори за подобрување на работните услови на судиите. Но, од неговите фалби се сменија уште неколку министри за правда, а судот уште не е сефтосан. А, за да работата тргне со среќа, камен темелникот беше осветен и од Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.
Но, и по 4 години и потрошени милиони, објектот се уште е празен. Во март годинава, тогашниот министер за правда Аднан Јашари истакна дека од нивна страна се завршени сите постапки и формалности и дека од претседателот на Судот зависело кога ќе се преселеле. Од Основниот суд Скопје 1, пак, ни одговорија дека се уште не можат да влезат во новите простории.
-Во тек се јавните набавки за набавка на компјутерска опрема без која судот не може да функционира во новиот објект, по завршување на овие процедури дополнително ќе бидете известени кога би можело да се очекува преселување во новата зграда, велат од судот.
Новата зграда на Кривичниот суд е лоцирана кај новата катна гаража и комплексот судови. И оваа зграда, како и останатите од проектот „Скопје 2014“ е преплатена, бидејќи лично од Груевски беше најавено дека ќе се изгради за 8,3 милиони евра, пари обезбедени од Светска банка и државниот буџет, но цената се зголеми за дополнителни 2,7 милиони евра. Цената се билдаше на добро познатиот начин, со склучување на анекс договори.
Новата зграда на Кривичниот суд е проектирана на 10 нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Предвидени се 74 судски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни од кои една за 200 лица за случаите на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, репрезентативна судница и канцеларии, судски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци, и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 метри квадратни.
Главен изведувач на објектот беше градежната компанија „Гранит“ од Скопје.
Валентина Вурмо