200 реплики на осум говорници, Џафери не знае како да им најде повеќе време на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

На осум пратеници кои се јавиле за збор за време на трите собраници седници одржани минатата недела на расправата за разрешување на јавниот обвинител, Марко Зврлевски, 200 пратеници се јавиле за реплика, посочи собранискиот спикер, Талат Џафери, кој и денеска побара од опозицијата да не ја одолговлекуваат расправата и да не се одалечуваат од темата.

Несогласувањата меѓу Џафери и опозицијата премина во дијалог со пратеникот, Илија Димовски, откако овој побара повеќе време за Собранието да расправа за други проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Џафери возврати – не можам да ви најдам повеќе време.

-Повелете кажете, не знам каде да ви најдам време. Медиумите и граѓаните ќе разберат по која логика се одвиваат на секој говорник по 20 реплики што немаат врска со темата. Сега процедурално бараш Илија?! По тој аршин бараш време, а ти си тој што го попречуваш. Интервенираш кога ќе ти упаднам во збор, а сам упаѓаш – му префрли Џафери на Димовски.

Праникот на ВМРО-ДПМНЕ, пак возврати дека Џафери има најмалку право да им забележува на пратениците за тоа.

-Немојте да морализирате, затоа што вие сте добар пример. Три недели рецитиравте поезија, или молчевте затоа што имавте деловничко право – рече Димовски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се реплицираат сами на себе. На почетокот од денешната седница се фатија за локалните проблеми во Општина Тетово, за справувањето со загадувањето и депонијата.

Пратеникот од ДУИ, Ејуп Алими, рече дека говорницата се злоупотребува од пратениците на опозицијата и дека расправата е блокирана. Координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, повторно рече дека пратениците од оваа партија се откажуваат од дискусија за да не ја пролонгираат седницата. Додаде дека однесување на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се повеќе наликува на минатиот април кога тензијата ескалираше со упад на насилници.

М.В.

Поврзани новости