По 4 месеци во притвор денеска изречена казна затвор од 20 години за Суад Бајрам кој со клоци и тупаници го уби своето тримесечно бебе. Бил мирен во судница но негодувал во судскиот ходник. Бајрам очекувал помала казна затоа што како олеснителна околност посочил дека мора да се грижи за неговите 3 малолетни деца. За кривичното дело „убиство при вршење на семејно насилство“ е предвидено најмалку 10 години, а најмногу доживотен затвор.
Денеска беше објавена пресуда врз основа на признание на вина. Обвинетиот С. Б. беше осуден на 20 години казна затвор.
На 26-ти септември, доцна по полноќ, наместо да спие, тримесечното бебе станало жртва на својот татко. Чедоморството се случило пред очите на целото семејство, а трагедијата која почнала со семејна расправија завршила со убиство на бебето.
„Ноќта меѓу 25 и 26 септември, додека осомничениот бил во домот со четири малолетни деца, меѓу кои и тримесечниот син, започнал да го удира детето со раце и нозе по главата и телото. На тој начин му нанел повеќе повреди кои предизвикале крварење во черепната празнина, како резултат на кои тримесечното бебе починало“.