Завршена истрагата за 27 април, постои можност Чавков, Мукоски и Василевски да излезат од притвор

by fokus

Истрагата за крвавиот четврток што се случи на 27 април во Собранието е завршена. Обвинителството за организиран криминал наскоро треба да го подготви обвинителниот акт, по што ќе биде испратен на оценување во Кривичниот суд. Доколку добие зелено светло од Советот за оцена, тогаш набрзо ќе стартува и судењето, а на обвинителна клупа ќе седнат 35-мината обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Пред да почне судењето можно е дел од осомничените кои се во притвор во истражниот затвор „Скопје“ да излезат и да добијат некоја од алтернативните мерки на обезбедување, бидејќи повеќе не можат да влијаат на истрагата, бидејќи истата е завршена. Сепак се очекува обвинителството и понатаму да инсистира на притвор поради опасноста од бегство, но и поради тоа што бројот на обвинети е голем, па да не се случи да не доаѓаат на закажаните рочишта.

По жалбите на притворените наредната недела ќе одлучува Врховниот суд, а како што ни изјави претседателот Јово Вангеловски, седницата ќе биде јавна, бидејќи така побарале дел од жалителите.

Меѓу притворените се и поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, како и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски.

 

Поврзани новости