Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во моментот од седиштето на партијата ја објави 32-та бомба, од прислушуваните разговори. Тој истакна дека граѓаните ќе слушнеле дека насилството доаѓало од врвот на Владата, директно од премиерот Никола Груевски. Тој, според објавените разговори, му кажува на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, дека „пикирал“ парк во близина на хотелот „Бристол“, каде што сакал да изгради барокна зграда. Во разговорот, наводно, премиерот бара од министерот да најде начин на местото по секоја ценна да се изгради зграда.
Во следниот разговор, според СДСМ, зборуваат Сашо Мијалков и министерката Гордана Јанкулоска, во кој договараат бркање на полицаец кој бил на протестите за поддршка на Љубе Бошкоски. Односно, решаваат полицаецот да се деградира и да се постави на некоја понижувачка позиција, на пример во полициска станица во Арачиново, или да го стават шофер во возниот парк, за да самиот се повлече.
Во еден од разговорите, според Заев, зборуваат Јанкулоска и Мартин Протоѓер, кои и порачува на министерката дека ако слушне дека некој го убил новинарот Латас, да се знае дека тој бил, бидејќи според него, новинарот работел за српската служба. Протоѓер освен за Латас, коментира и за новинарот Зоран Божиновски, односно ја прашува министерката како би можел да го посети во затвор, кога ќе го донесат во Македонија, ама и бара тогаш камерата да престане да снима. Тој дури има и идеја Божиновски да се ставел во ќелија во која ќе има цимер со, како што вели, хомосексуални склоности.