Министерството за правда не открива дали ќе се спогоди со екс пратеникот Крсто Мукоски, кој во Судот за човекови прав во Стразбур ја тужи државата, за незаконско апсење и ставање во притвор, за предметот „27 април“.
Како што веќе објави „Фокус“, Судот во Стразбур во февруари го завел предметот на Мукоски, а апликацијата од неодамна е објавена и јавно.
Од Министерството за правда ни одговорија дека предметот стигнал за одговор, но дека во оваа фаза не можат да ја откријат стратегијата на државата. Односно, дали ќе се спогодат со Мукоски или не, потенцирајќи само дека роковите течат и дека пред истекот ќе се произнесат.
Мукоски во апликацијата се жали дека незаконски бил уапсен, додека уживал пратенички имунитет, а потоа ја оспорува и законитоста на притворот кој му беше одреден.
Поранешниот пратеник беше еден од обвинетите за насилниот упад во Собранието на 27 април, но подоцна се спаси од кривичен прогон со амнестија. Тој се гонеше дека критичниот 27 април ја отвори вратата на Собранието, по што толпата народ непречено влезе внатре.
Валентина Вурмо