Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, во интервју за „360 степени“, не ја прифаќа тезата што денеска се појави во дел од печатот во западноевропските земји дека пандемијата со коронавирусот ја олеснила одлуката на земјите членки на ЕУ за отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија.
„Ако е полесно да се носат одлуки во период на епидемија на коронавирусот, тогаш зошто сега да не донесеме одлука за повеќегодишниот буџет на ЕУ. Ајде, ви се молам, едното со другото нема врска, напротив, ситуацијата е обратна, станува збор за стратегиска одлука, за многу важна одлука и тоа само покажува дека со примена на новата методологија, со многу посериозно известување и сериозната посветеност на двете земји, како и со тоа дека и покрај кризата земјите-членки сакаа да пратат многу јасен и гласен сигнал на регионот дека ако испорачате, тогаш и ЕУ е подготвена да испорача“, вели Вархеји.