Премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Советот за безбедност ги образложи мерките за справување со енергетската криза која престои во наредниот период.
-Ова е ужасно тешка ситуација и немам намера тоа да го правдам. Оваа есен, зима, и пролет е најтешка во повоената историја на државата, планот е готов, а се работи и на нов енергетски план и план за максимално зголемување на домашното производство на храна, нагласи Ковачевски.
Тој потенцираше дека е обезбеден јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, мазут за ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Битола, како и дизел гориво и дополнителна електрична енергија. Тоа го разговарал изминатите месеци со државниците со кои се среќавал, како и деновиве во Белград и Софија.
-Ќе го зголемиме домашното производство за 25 проценти и ќе ја субвенционираме цената на струјата за граѓаните. Ќе го вклучиме третиот блок на РЕК Битола, вториот котел на ТЕЦ Неготино, гасната централа ТЕ-ТО во Скопје, сите хидроцентрали како и обновливи извори на електрична енергија, соларни, на ветер и вода, за да може на граѓаните и на малите бизниси од први октомври до 1 април да им обезбедиме најниска цена на електричната енергија, ќе ја задржиме евтината струја, а на средните и големите бизниси ќе обезбедиме електрична енергија по пониски цени од берзинските кои пак постојано растат, рече Ковачевски.