Туристка од Австрија која се повредила при слободно скијање кај месноста „Орлов Камен“ на Попова Шапка е спасена денеска благодарение на брзата акција на екипите.
Како што јавија од Центарот за управување со кризи, на Единствениот повикувачки број за итни повици 112 во ЦУК во 14:20 часот волонтер од Охридска спасителна служба, којшто е и водич на туристичка група – скијачи од странство, пријави дека туристка од Австрија при пад во слободно скијање кај месноста „Орлов камен“ на Попова Шапка се здобила со повреда на ребрата.
– Заради сериозноста на повредата, а и други здравствени специфичности, не била во можност да се движи. Побаран бил хеликоптер за спасување за транспорт до болница, при што директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, беше во директна комуникација со спасителите. При комуникацијата на спасителите со повредената туристка, таа информирала дека претходно имала операција на рбетниот столб и на него имала вградена метална шипка со штрафови – посочија од ЦУК.
На местото на настанот пристигнал ратрак и луѓе за поддршка, но состојбата на повредената и комуникацијата со нејзе, индицирала дека транспортот со ратрак заради проблемот со ’рбетот од минатото, како и сегашната дополнителна повреда, би довел до поголеми компликации.
– Заради специфичноста на итниот случај за повредената бил побаран транспорт со хеликоптер од местото на настанот до болница во Скопје. Храбрите пилоти од Хеликоптерската единица на МВР одговориле веднаш на барањето на Ангелов за интервенција и во моментот на информирањето за настанот хеликоптерот веќе се враќа кон Скопје од Шар Планина, а присебните спасители, коишто се и пријавители на итниот случај укажаа, во директна комуникација со директорот на ЦУК, дека на повредената од почетокот на спасителната акција и е пружена прва помош, адекватно била покриена со фолија за да и се зачува топлината и дека се наоѓала во добра општа здравствена состојба – се посочува во соопштението од ЦУК.