Судскиот совет, вечерва на полноќ, на итна седница, ќе решава по две прашања за уапсениот врховен судија Наке Георгиев, за мито. Дали да му го одземе имунитетот и дали ќе дозволи да му биде одреден притвор?
-Расправа и одлучување по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија, велат од Судски совет за дневниот ред на вечерашната итна седница.
Сепак, не значи дека доколку судијата остане без имунитет, за непречено водење на кривичната постапка, дека тоа ќе значи и автоматска согласност за притвор. Ваква ситуација имаше и во 2019 година кога се одлучуваше за судијата Мустафа Шахини. Тој беше осомничен дека со злоупотреби на функцијата ја оштетил државата за повеќе од 200.000 евра. Судијата остана без имунитет, ама беше спасен од притвор.
„Судскиот совет донесе одлука со која го одзема имунитетот на судија, заради непречено водење на кривичната постапка. Донесена е Одлука со која не се одобри барањето за определување на мерката притвор за судијата”, соопштија тогаш од Судскиот совет.
Според Законот за судови доклку судијата е затекнат во вршење на кривично дело за кое е запретен затворска казна над пет години, тогаш автоматски останува без имунитет, во спротивно на потег е Судскиот совет.
Во случајот со Георгиев, тој е осомничен за кривичното дело ,,Примање награда за противзаконито влијание”, за што е запретена казна до пет години затвор.
Неофицијално, судијата, чија сопруга е обвинител, а син судија, бил уапсен за мито од 10.000 евра.
-Денеска (20.05.2024) лишен од слобода е судија од Врховен суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело `Примање награда за против законито влијание`.
Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител, соопштиjа од МВР.
В.В.
Валентина Вурмо