(АРХИВА) Случај „Титаник“: Протогер бил лидер во сенка, а Јанакиески најпослушниот министер на Груевски

by fokus

Текстот е објавен на 23 август 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1194.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Гордана Јанкулоска пристигнува речиси секогаш прва. Ако закажаниот термин е во 10 часот, таа доаѓа петнаесеттина минути порано. Со насмевка ги поздравува новинарите и продолжува да чекори брзо. Чекор со неа држи и Миле Јанакиески, кој е помалку расположен да се поздравува со претставниците на седмата сила.

Мартин Протогер, како и Кирил Божиновски, минуваат тивко, како да имаат цел никој да не го забележи нивното присуство. Илија Димовски, пак, да може би трчал, за да може побргу да се скрие од објективите на фотоапаратите и камерите. На крајот, секогаш, ама секогаш без исклучок, последен пристигнува Никола Груевски. Со голем чекор ги искачува скалите, а истото темпо со него го држи и телохранителот, кој му е резервиран на 10 години.

Ова не е потсетување за некој од состаноците на поранешниот владин врв, во зградата на Илинденска бб, туку актуелна слика од пред Кривичниот суд, каде што доскорашните функционери се редовни гости.

Тука ја немаат приватноста и дискрецијата што некогаш ја уживаа, а богами го нема ниту сјајот и луксузот на барокната владина зграда или на партиското седиште. Наместо тепихот во кој им пропаѓаа нозете додека шетаат низ владата, сега чекорат по накиснат ламинат, па мора да бидат крајно внимателни за да не летнат на подот. На самиот влез од судницата ги пречекуваат и две пластични кофи, кои ја собираат водата која не капе, туку тече од расипаната клима. Но, и покрај грдата слика, се чини дека, сепак, имаат среќа што климата каква-таква функционира, па во просторијата не е како во сауна.

Наместо позлатен тоалет, пак, тука на располагање имаат зарѓан „чучњак“, налик на оние како во студентските домови или во затворите. Кој престојувал таму, веднаш може да си создаде слика.

Условите се далеку подобри во новата барокна зграда на Кривичниот суд, која ја градеше Груевски, поради што некој ќе рече дека барем „заслужил“ да му се суди таму, но само на прв поглед, бидејќи под новиот инвентар се крие градежната катастрофа. Целосно нефункционална, односно затната е канализацијата, честопати нема струја, а и алармот никако да се исклучи, па иритантно пишти и кога е намален на најтивко.

СЕКОЈ ЗЛОСТОРНИК СО ПОСЕБНИ ЗАДОЛЖЕНИЈА

Овој некогашен владин состав, засилен со уште петнаесеттина „здружени злосторници“, сега во вакви услови ги минува деновите соочени со обвинението „Титаник“, односно за изборните манипулации во 2011 и во 2013 година.

Според обвинителниот акт кој го поднесе СЈО, секој член на злосторничката група имал свои задачи. Па така, едни биле задолжени за агитирање гласачи, нудејќи подароци и разни услуги, а таму каде што поткупот немало да запали, ја менувале тактиката, па гласовите ги изнудувале со сериозни закани и притисоци. На оние, пак, за кои не биле сигурни за кого ќе гласаат зад параванот, им забранувале да излезат на гласање. Други „злосторници“ биле задолжени за незаконско финансирање на кампањата, а имало и такви кои наоѓале лажни гласачи.

Груевски, од позиција на премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, бил мозокот на злосторничката дружина, односно ја организирал групата и давал конкретни насоки и упатства за чекорите што требало да се преземат.

Во организацијата учествувале и Протогер, од позиција на генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и шеф на кабинет на премиерот, Божиновски од позиција на генерален секретар на владата, а потоа и од позиција на генерален секретар на политичката партија и Јанакиески од позиција на министер. Тие биле задолжени за незаконското финансирање на изборните кампањи, а диригирале и со групата која била задолжена за вршење закани и притисоци, но и со онаа која давала и ветувала подароци и услуги за возврат за дадениот глас. Сепак, за секој преземен чекор на крајот се координирале со Груевски.

Во постојана координација со шефот била и тогашната министерка Јанкулоска, која исто така, според СЈО, се истакнала со организациски способности. Поточно и таа учествувала во организирањето на групата задолжена за притисоци, а била задолжена и за наоѓање адреси на кои биле запишувани гласачите од Пустец и за изработка на нивни лични карти, а како што велат од СЈО, вршела и други работи во координација со Груевски.

Задолжени за финансиските малверзации, пак, биле пратеникот Илија Димовски и Леко Ристовски, кои, според обвинителниот акт, биле овластени да внесуваат црни пари на партиската сметка и да располагаат со нив. Во книгите за донации внесувале лажни податоци за примените донации, но биле задолжени и за вршење други незаконски работи, во координација со организаторите.

Тогашната заменик-министерка за правда, Билјана Бришковска-Бошковски, која била претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, правела незаконски измени во избирачкиот список, односно гласачи од една изборна единица, на пример, од Карпош, биле запишувани како гласачи во изборната единица Центар, бидејќи таму имало потреба од поголем број сигурни гласачи.

Така накратко, според СЈО, Груевски и неговата дружина успеале да издејствуваат уште две изборни победи.

 ЈАНАКИЕСКИ ИМАЛ НАД 100 ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОРИ НА ДЕН

„Титаник“, кој е  првиот случај на СЈО, и најсериозен според казните што им се закануваат на обвинетите, во судските води заплови на 2 април годинава, а во моментот е во фазата на изведување докази, па затоа сѐ уште во судница не може да се состави целосната слика која ја опишува обвинителството. На три последователни рочишта одекнуваат „бомби“, односно телефонски разговори од масовното незаконско прислушување во УБК, или во тек е фазата на загревање.

Од 1.063 бомби, предложени како докази од СЈО, досега преслушани се 243. Над 90 проценти од досега слушнатите разговори се меѓу Јанакиески и останатите обвинети или други соговорници, но ова и не е за чудење, бидејќи екс министерот ѝ бил „таргет“ на обвинителката Лиле Стефанова, односно таа имала задача во неговите разговори да бара криминал. Но, она што е за рубриката „верувале или не“, е дека додека Јанакиески бил министер, примал над 100 повици на ден поврзани со претстојните избори.

Слушајќи ги разговорите, првиот впечаток е дека речиси и не се одбирале средства за добивање на изборите, и дека во периодот на изборната кампања целосно се изгубила границата помеѓу државата и партијата, односно сите ресурси, и човечки и финансиски, биле ставени во функција на тогашната владејачка партија.

Вториот впечаток, пак, е дека „злосторниците“ биле неверојатно посветени, односно ја вложувале сета енергија и време во победата, или што би рекол Груевски, работеле 24/7. За ангажираноста дури може да им се оддаде признание.

Разговорите, освен криминалните активности, го разоткриваат и начинот на кој функционирала партијата, односно кои биле главните стожери, кои биле оние кои биле почитувани, а кои сееле страв и трепет. Се соголува и нивната личност и карактер. Едни редат пцовки, други закани, а трети само неумесно се смеат.

Поради сето ова, се очекуваше на обвинетите да им биде непријатно во судницата, но очигледно е дека засега добро се носат со товарот, па дури има ситуации и кога им е забавно. Така, на своите разговори често знае да се насмее Јанкулоска, а и Протогер, кој најверојатно присетувајќи се на текот на разговорот, се смее и предвреме. Насмевка понекогаш се забележува и на лицето на Груевски, а се чини најсериозно работата ја сфаќа Јанакиески, кој со големо внимание ги слуша разговорите, и пред судот ги предочува нелогичностите.

Во она што го слуша не ужива ниту актуелниот пратеник Илија Димовски, за кој сѐ уште не е објавен разговор. На едно од рочиштата, стана и го праша судијата дали е неопходно неговото присуство во судницата.

Извинете судија, но само нешто да прашам. Знам дека моето присуство на судењата е задолжително, но дали морам да бидам во судница додека се слуша ова?, праша Димовски, по што доби одговор од судијата дека мора да остане внатре.

Дека Димовски е отцепен од групата, со која до вчера беше неразделен, се забележува и на самите судења. Речиси и да не комуницира со некого, седи на пристојна далечина од останатите, односно колку што дозволуваат условите,  а по завршувањето на рочиштата заминува што е можно побргу и без збор.

ЈАНКУЛОСКА ГО СОВЕТУВАЛА ГРУЕВСКИ ЗА КАДРОВСКИТЕ РЕШЕНИЈА

Врската се чини сѐ уште е силна помеѓу Јанкулоска и Груевски, кои комуницираат и во судницата. Од разговорите може да се заклучи дека тогашниот премиер ја почитувал министерката за внатрешни работи, на која ѝ се јавувал за консултација околу кадровските решенија. Ја ословува со „Горде“, а таа него со „претседателе“.

Горде, да ми пратиш едно списоче каде треба да се интервенира за директори и в.д. директори, ѝ вели Груевски на Јанкулоска, а потоа бара да предложи и кандидати за пратеници на листите за Тетово и Гостивар.

Јанакиески, пак, бил задолжен за сѐ и сешто. Од нарачка на анкети, до мобилизирање на членството и државната администрација за лепење плакати, па до нарачки за затворање дуќани.

Од неговите разговори се потврди дека државната администрација била активно ангажирана за време на изборите во 2011, односно наместо на работа, оделе од врата до врата да агитираат за ВМРО-ДПМНЕ.

На еден соговорник, на кој му се обраќа со „градоначалниче“, Јанакиески му дава наредба да му забрани на професорот по физичко да оди на работа.

Градоначалниче, на тој професорот по физичко, Ѓорѓи, да му забраниш да оди на работа во Валандово, зашто треба да оди од врата на врата. Да не се појавува на работа до недела, му наредува Јанакиески на соговорникот.

Истиот ден, Јанакиески дознава дека пет дуќани во т.н. Циганско маало во Струмица се преполни со брашно и масло, со кои наводно од СДСМ планирале да купуваат гласови. Затоа врти неколку телефони и нарачува инспекција, за, нели, да го реши и овој проблем.

Дуќаните се полни со брашно и масло, со нив Заев ќе купува гласови. Да не мрдаат инспекторите од таму, и наредува Јанакиески на соговорничка.

Таа, пак, му вели дека и да ги затворат, тоа нема да ги спречи да го делат брашното, по што Јанакиески се замислува, па му текнува: „Смислете нешто, речете дека брашното е канцерогено!”.

По оваа генијална идеја и се јавува и на Јанкулоска и ја критикува дека Ромското маало во Струмица било оставено без надзор од полицијата, што пак укажува на директна злоупотреба на државни ресурси за партиски цели.

Нема луѓе, од Струмица сте повлекле 30 луѓе во Тетово, и реагира Јанакиески на Јанкулоска.

Таа, пак, му вели дека тоа се луѓе од посебната единица и дека може да ги врати, но како што вели, нема потреба.

Не е точно дека нема луѓе, проблем е што нема бензин. Никаде немаме бензин, не само во Струмица. Изборите ни се при крај и се што имавме, потрошивме. Имаме по 20 литри на станица. На увид луѓето одат со приватни коли. Ако има убиство, одат со свои коли, се правда министерката.

Овие двајца министри, освен што биле едни од најблиските, па можеби и највредни соработници на Груевски, и во судница се најмногу посветени во обидот да се одбранат од вина. Понекогаш се чини дека не им се потребни адвокати, бидејќи самите земаат збор и ја кројат својата одбрана. И двајцата ја шокираа јавноста во судницата истакнувајќи дека не смее да им се суди врз основа на прислушуваните разговори, бидејќи со нив грубо им биле прекршени човековите права. Според нив, со масовното прислушување во УБК тие се оштетени странки. Да слушаш и да не веруваш! За шокот да биде целосен, недостасуваше уште со прст да го посочат Сашо Мијалков, но се разбира, тоа не го сторија.

ПРОТОГЕР, ЛИДЕРОТ ВО СЕНКА

При слушањето на бомбите се забележува и дека иако честопати се случувало да се појави проблем во телефонската врска, односно еден од соговорниците не слуша што зборува другиот, или наеднаш повикот ќе се прекине, никој не се ни посомневал дека можеби некој ги прислушува.

Обичните граѓани во ваква ситуација знаат да искоментираат „сигурно некој нѐ прислушува“, но тоа ниту на крај памет не им паѓало на тогашните властодршци. Можеби затоа не се воздржувале во она што ќе го споделат по телефон, па без влакна на јазикот ределе закани, пцовки и разни гадотии.

Од досега приложеното, ваквиот речник најмногу е карактеристичен за Мартин Протогер, поради што досега предизвика најмногу револт кај јавноста.

Во муабет со Јанакиески, зборуваат за Фудбалската федерација на Македонија и за тоа дека не се пуштале билети за некој натпревар, за да не се соберат луѓе. Протогер се заканува, па вели: „И он и жена му и децата, све у еднек ќе ги најдат, м… да му е… комунистичка ако не попуштат“.

Неговата злоба извира и од разговорот со Јанкулоска за аферата „Списоци“ на А1 телевизија, кога новинарите открија дека по налог на ВМРО-ДПМНЕ секој вработен во државната администрација треба да предложи по 15 гласачи. Јанкулоска, пак, наместо да се згрози од тоа што го направиле и начинот на кој ги уценувале гласачите, згрозена е од телевизискиот прилог?

Имаше сега на телевизија, ги наместија убаво. Им се јавуваат на тие од списоците и ги прашуваат дали ќе гласате за ВМРО-ДПМНЕ, а они да, да, ќе гласаме. Една вика ќе гласам, ќе ми ја вработат снаата. Друга вика, да, ќе гласаме, на снаата ѝ средија за ин витро и така, Јанкулоска го информира Протогер, а додека зборува, ем изразува револт, но и постојано се смее.

Потоа му предлага дека треба да смислат добра одбрана, а и да ја тужат новинарката Сашка Цветковска, бидејќи според Јанкулоска, направила измама, односно лажно се претставувала. Луѓето, пак, кои не ѝ го препознале гласот на новинарката, ги нарекува прости.

Новинарскиот прилог, според неа, е производ на болен ум: „Болен ум не знаеш што може да смисли“, заклучува министерката.

Протогер ѝ вели дека ќе спремаат тужби за новинарите, односно ќе ангажирале двајца адвокати и цело време ќе работеле на случајот. Јанкулоска продолжува со импресиите, па вели:

Ова беше монструозна конструкција. Стварно ја претераа. Кога ќе почнат да ги викаат на суд, малку е непријатно“, вели Јанкулоска.

Во продолжение му вели на Протогер дека е разочарана од нивната машинерија, мислејќи на телевизиите кои ги држеле во рака.

Овие од А1 одат со монструозен прилог, а оваа нашата машинерија прави глупи прилози. Они независни се прават, истакнува Јанкулоска.

Овој разговор му служи само како загревање на Протогер, бидејќи во наредниот, во кој министерката му соопштува дека тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Шврговски решил да отвори предмет за аферата „Списоци“, си го покажува вистинското лице.

Абе, овој Шврговски, ова копиле скапано. Да му е..м мајката, по допрен глас ќе постапувал за сторијата на А1, нервозно ѝ вели Протогер на Јанкулоска, па продолжува со навреди, истакнувајќи дека Шврговски бил коцкар и пијаница, а и вели и дека досега ништо не сработил.

Зошто не ја затвори Наташа Савова за „Надеж“? Бранко Црвенковски таму си кажа дека се одело преку неа. Шврговски работи за комуњарите, како тоа не го знаете, реагира Протогер.

И како сето ова да не е доволно, тој завршува со уште една скандалозна реченица: „Ќе им се мочам у уста на А1“.

Јанкулоска тогаш предлага Мијалков да го стегне Шврговски, коментирајќи „тоа е кога поставуваме професионалци“.

Но, освен дека не ги бира зборовите, од овие бомби се дозна и дека Протогер всушност за целото владеење на Груевски бил лидерот во сенка. Во една пригода, Јанкулоска му вели тој да им даде задолжение на партиските членови, бидејќи него го слушале.

Абе, Мартин, друго е ти кога ќе им кажеш, тебе сите ти се плашат, истакнува Јанкулоска.

ПРОТИВ ФАМИЛИЈАТА ЌЕ СВЕДОЧАТ 191 СВЕДОК

И бидејќи воопшто не е пријатно да си ги слушаат разговорите, кои освен тоа што им ги откриваат улогите и дејствијата во злосторничката дружина, зборуваат за нив и какви личности биле, адвокатите во неколку наврати се обидоа да го спречат нивното емитување.

Обвинителката Стефанова, пак, им реплицираше дека бомбите се само вовед во предметот, бидејќи, како што рече, секое кривично дело ќе го докаже со дополнителни 5.910 материјални докази и 191 предложен сведок.

Според поднесеното обвинение, СЈО има конкретни примери за влијание врз туѓото избирачко право, односно појаснуваат како дел од обвинетите убедувале одредени граѓани да излезат да гласаат, а на одредени им забранувале.

Со совети и упатства во оваа акција се вклучиле и Протогер, Јанакиески и Јанкулоска, кои во периодот од 15 април до 4 јуни 2011 година испратиле писмено упатство, со кое ги задолжиле членовите на партијата кои биле раководни лица во државната администрација да изготват списоци од по 30 лица, а вработените државни службеници да изготват списоци од по 15 лица кои задолжително ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Постапувајќи по насоките, голем дел раководители ги изготвиле списоците на кои се наоѓале лични податоци на гласачи и ги предале во општинските комитети. Оттаму податоците завршиле во централниот штаб на партијата, по што ѝ биле предадени на Веловска, која била задолжена да ја следи излезноста на гласачите од списоците, ангажирала уште неколкумина партиски активисти телефонски да им се јавуваат на гласачите со барање да излезат и да гласаат.

Д.Г., Т.Е., К.Г., Б.Г., Г.М. и Ш.С. плашејќи се да не ги загубат своите работни места и од други последици по нив и нивните семејства ако не бидат забележани од партиските активисти дека гласале, по телефонските јавувања излегувале и гласале за избор на пратеници на предвремените парламентарни избори“, се наведува во обвинението.

Според она што го пишува во обвинението, Протогер, пак, заедно со уште петмина од обвинетите, употребиле и физичка сила, но и сериозни закани во намерата на двајца гласачи да не им дозволат да гласаат. Детали за тоа што точно преживеале овие граѓани ќе бидат познати по нивното сведочење во судница, бидејќи и тие се сведоци на СЈО.

Вработени во МВР биле ослободени од своите службени задачи во Скопје и по налог на Јанкулоска, а по барање на Протогер, заминале во Охрид со партиски задачи, односно требало да заплашуваат неподобни гласачи.

Слична екипа создал и Мунир Пепиќ, но откако СЈО ја отворило истрагата поголем дел од нив решиле да му откажат послушност, бидејќи сѐ што правеле во детали раскажале пред обвинителите.

Тие посочиле дека ги запирале гласачите за кои знаеле дека ќе гласаат за СДСМ, па им правеле претреси, а дел од нив ги тепале. Еден Охриѓанец, симпатизер на СДСМ, освен што добил ќотек, со лисици на рацете бил однесен во полициска станица, поради лажно пријавување од вработените од МВР, кои партиски одработувале во Охрид. Недолжниот граѓанин добил кривична пријава, а веднаш завршил и во притвор, поради што бил спречен да гласа. Еден симпатизер на СДСМ успеал да се спаси од партиските полицајци, бидејќи кога дошле да го уапсат од домот, тој избегал, но го пропуштил гласањето бидејќи од страв се криел со денови. Овие „полицајци“ биле во лов на уште неколку охриѓани, а двајца од нив, иако знаеле дека им се зад петици, успеале да гласаат, а потоа од страв не смееле да се вратат дома и се криеле во штабот на СДСМ.

„ТИТАНИК“ ЗАСТАРУВА ДУРИ ВО 2033 ГОДИНА

На сите 21 обвинет во случајот „Титаник“ им се закануваат затворски казни, но ризик од најголема казна имаат првообвинетите петмина.

Груевски е обвинет за три кривични дела. За кривичното дело „злосторничко здружување“ му се заканува затворска казна од една до пет години. За делото „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“ е пропишана затворска казна од најмалку пет години, а за „повреда на избирачкото право“ е предвидена затворска казна од најмалку три години.

Мартин Протогер, исто така, се гони за „злосторничко здружување“ и за „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, но и за „повреда на слободата на определување на избирачите“, за што е предвидена казна затвор од најмалку три години.

Кирил Божиновски се гони за две дела, и тоа за „злосторничко здружување“ и за „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“.

Четвртообвинетиот Миле Јанакиески се товари за четири кривични дела и тоа за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, за „повреда на слободата на определување на избирачите“ и за „уништување на изборен материјал“, за што е предвидена казна од најмалку пет години.

И петтообвинетата Гордана Јанкулоска се гони за „злосторничко здружување“, за „повреда на избирачкото право„ и за „повреда на слободата на определување на избирачите“, за што исто така се предвидени долгогодишни затворски казни.

Обвинетите во овој предмет не можат да се крстат во застарување, како што тоа е опција во дел од останатите случаи на СЈО, бидејќи кривичното дело „злосторничко здружување“ застарува дури за 20 години, или во 2033 година, бидејќи делото се случило во 2011 и 2013 година.

Единствено можат да се крстат во аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, која инаку е донесена врз основа на член кој не постои. Сепак, мртвата аболиција може да воскресне, односно се зависи дали некој ќе биде стегнат, на начин како што Јанкулоска предлагаше, Мијалков да го стегне Шврговски.

Кривичниот суд ја отфрли аболицијата, но засега останува енигма како ќе ја толкуваат судиите во Апелациониот и Врховниот суд.

Дотогаш, обвинетите ќе мора редовно да се јавуваат на рочиштата и да се помират со фактот дека сиот валкан веш создаден при нивното работење ќе им биде изваден на виделина.

Затоа Јанкулоска е во право кога вели дека малку е непријатно кога одиш во суд, мислејќи на новинарката Сашка Цветковска. Во нивниот случај, непријатноста е малку поголема.

Поврзани новости