Како што наближува денот за изрекување на пресудата за случајот „Диво Насеље“, во кој им се суди на 37-мина обвинети за терористичкиот напад во кумановско, а кои се соочени со казна доживотен затвор, така се зголемува и безбедноста во затворите каде што се сместени овие обвинети.
Како што дознава „Фокус“, од неодамна е зголемен бројот на полициските патроли околу истражниот затвор „Скопје“, каде што се сместени најголемиот дел од обвинетите, или 28-мина, а поголеми безбедносни мерки има и во затворите во Прилеп и Битола.
Зголемена безбедносна контрола може да се забележи и во Врховниот суд, каде што се спроведува судењето. Од самиот старт на судењето, адвокатите, новинарите и роднините, кои го следат судењето во судница, поминуваат низ низа безбедносни контроли, но како наближува финишот, забележителен е се поголем број на припадници на безбедносни служби во и околу судот.
Утре и во четврток своите завршни зборови ќе ги дадат уште петмина адвокати, по што треба да биде закажен термин за објава на пресудата.
Досега за овој случај се потрошени околу три милиони евра, односно толку пари биле дадени за спровод и обезбедување на обвинетите за терористичкиот напад во Куманово, до судот.
Според информации од Судот и МВР, до мај годинава, за организирање на едно судско рочиште биле потребни од 35.000 до 45.000 евра, но откако бројот на обвинетите од 29 се зголеми на 37, трошоците се движат околу 50.000 евра од рочиште.
Според информации од одбраната, досега се оддржани 60 судски рочишта, што пак значи дека вкупно биле потрошени околу три милиони евра.
Организирањето на ова судење е екстремно скапо бидејќи поради голем безбедносен ризик, на денот на рочиштата, се ангажирани голем број на припадници на Министерството за внатрешни работи, односно на терен се Единицата за брзо распоредување, редовната полиција, затворската и сообраќајната полиција, а голем дел од трошокот отпаѓа и за ангажирање на хеликоптерската единица, бидеќи на секое рочиште хеликоптер го надлетува главниот град.
За тоа кој на крајот ќе ги покрие овие трошоци, од Основниот суд Скопје 1 ни одговорија дека, согласно законот трошоците се утврдуваат и се пресметуваат со конечната одлука на судот.
Според досегашната судска пракса, судските трошоци паќаат на грбот на осудените.
Овој судски процес започна на 9 февруари годинава, кога на обвинителна клупа седнаа обвинетите за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај во Диво Насеље во Куманово.
Валентина Вурмо