По смртта на британската кралица, Шекспирова траги-комедија

by fokus

Денес во Лондон се закажани големи протести на фудбалските фанови, кои ќе почнат во 19 часот. Кралицата Елизабета само што стана вдовица и е во длабока старост. Ако не се освестиме и глобално и локално, нѐ очекуваат глобални траги-комедии, кои ни Шекспир ни Шекспирица не ќе може да ги напишат

Пишува: Aгрон БИБА

Во 1972 година се одржува научна дискусија со наслов: „Дали трепетот на крилјата на пеперутките во Бразил може да предизвикаат торнадо во Тексас?“

Во 2021 година, целата човештина живее во пеколното пандемично торнадо од претпоставениот трепет на крилјата на лилјакот од Вухан.

Со филозофска и поетска претпоставка дека едни нежни крилја од пеперутка и лилјак би можеле да предизвикаат разурнувачки торнада од светски размери, тогаш замислете што можат да предизвикаат едни бумбарови брегзитски крила на Борис Џонсон?!

Јас сум англофил, или ако треба појаснување, британофил. Сакам сѐ што Британија, или Обединетото Кралство го претставува, дали во општествено-политички живот, во спортот, во музиката, театарот, филмот и сѐ што значи англо-саксонска историско-културно-политичка оставштина. Но, истовремено го мразам Брегзит и тоа што тој претставува за Обединетото Кралство, Европската Унија и пошироко во светските рамки. Имам голема аверзија кон популизмот и политичките блебетања и сите човечки и политички гафови на Борис Џонсон.

ЧИЈА КАРИКАТУРА Е БОРИС ЏОНСОН?

Во Британија не се знае кој е чија карикатура, дали Најџел Фараж е Борисџонсонова карикатура или е обратно. Но, има уште еден поопасен и позаостанат политички диносаурус во Британија. Тоа е Џејкоб Рис Мог. Џејкоб Рис Мог е типичен, што би рекле Британците, еден „литл ингландер“ или во превод, мало Англичанче и сѐ што претставува тоа.

Да ви кажам за една стара англиска анегдота од времето на британската империја, тогаш кога Британија владееше со светските мориња и далги, тогаш кога во британската империја сонцето НИКОГАШ не заоѓаше.

Англичанец му вели на друг Англичанец: „Имам еден пријател, има комплекс на ниска вредност“.

„Чудно. Како може Англичанец да има таков комплекс. Што му е?“ – прашува вториот.

„Па, ете, мисли човекот дека е еднаков со сите други нации и народи во светот!“

Да, се разбира, дека овој вид Англичани е заостанат, диносаурски вид, од типот на гореспоменатите Најџел Фараж, Борис Џонсон, Џејкоб Рис Мог, Ен Видекомб, Ијан Данкан Смит и на нив слични типови, кои сѐ уште мислат дека е 18 или 19 век, нешто слично на нашите кафеански пијаници, но во случајот на Британија, овие се обично од Колеџот ИТОН или се Оксбриџ образовани, но менталниот склоп им е ист. Нивниот најголем комплекс е тоа што мислат дека немаат никакви комплекси или недостатоци. Овие типови се тие што го предизвикаа Брегзит, најголемата геополитичка самоуништувачка грешка на Обединетото Кралство во историјата на неговото постоење. Жално и трагикомично, за Британија, за Европската Унија, и ако сакате за целиот напреден свет. Брегзит не можеше да се случи во полошо време и момент. Имаме светска пандемија на корона вирусот и во блиска иднина, неминовно нѐ очекува и смртта на нејзиното Височество, многу почитуваната и многу саканата кралица Елизабета Втора.

По објавувањето на една едиторијална колумна во „Гардијан“, во 2017 година, веќе е јавна тајна што и како ќе се одвиваат првите секунди, часови, денови и недели по објавувањето на смртта на кралицата Елизабета. Јавна тајна е дека тој момент се вика Операција Лондон бриџ или како што повеќе се препознава со насловот на неговата прва реченица на објавата, Лондон бриџ ис даун (London Bridge is down), или во превод, Лондонскиот мост е паднат.

Тој неминовен момент ќе предизвика тектонски геополитички земјотреси.

Дали и нашата Македонија ќе биде засегната од новата геополитичка инсталација по паѓањето на лондонскиот мост? Да, ќе биде засегната, но ќе беше уште позасегната ако не беше Северна Македонија и ако беше надвор од Северно-атлантската алијанса.

Секој што ја прати глобалната политика, не може да го игнорира овој неминовен момент што ја очекува Британија, Европската Унија и комонвелтот, а со тоа и глобалната политика, затоа што едноставно се работи за една од постојаните пет члена на Советот на безбедност во Обединетите нации, една од петте со право на вето.

БРИТАНСКА МАНЏА И БАЛКАНСКА ВЕГЕТА

Додадете ѝ на ова британска манџа и малку вегета од бившите случувања од распадот на Југославија и имате совршен рецепт за политички хаос од светски размери. Непотребно предизвикан од неисчешланиот Цар Борис Џонсон, кој се замислува дека е Винстон Черчил, и Џејкоб Рис Мог, кој си ја продал душата и неговото литлингландерско душиче на Доминик Камингс, политичкиот маверик, кој успеа да го расее новиот политички отров НОВИЧОК во Тен Даунинг Стрит.

Каде ќе им лежи нивната политичка литл-ингландерска душичка, само еден Господ знае.

Како и корона вирусот, кој има свои нови мутирани подвидови, и литлингландерите имаат свои мутирани типови. Се препознаваат по тоа што кога имаат чест да гостуваат на телевизиските програми, во заднина поставуваат сѐ поголеми и поголеми британски знамиња.

Новинарите и социјалните мрежи веќе им најдоа прикладно комично и заслужено банално име, ќе ми извините за преводот, знаме-ебачи или флагшагерс (flagg shaggers). За жал, овде на Балканот, сите знаеме каде нѐ одведоа таквите типови, кои беа знаме онадувачи од типот на „ела мори знаме да те гушнам“, како што правеше Доналд Трамп во неговите перпетуални политички кампањи. Затоа и Шешељ веднаш го препозна и си испринта Т-шрт или маичка со негов лик под кое пишуваше Трампе Војводо, и гордо ја носеше во српскиот парламент. Се разбира дека национал-шовинистите се препознаваат и се сакаат меѓу себе.

КОЈ ПОБЕДУВА ВО  ТРКАТА СО ВАКЦИНАЦИЈА?

Мене ме чуди дека луѓето се чудат кој победува во трката за вакцинација на Балканот, Европа или светот?!

Па, нели таа трка испадна нехумана (со главен виновник Светската здравствена организација) и се нарече политика на националистичка вакцинација?

Гледајте само кој имаше најголем успех во вакцинацијата и ќе заклучите кои земји се најнационалистички, т.е. НАЈЕГОЦЕНТРИЧНИ. За жал, целото човештво се избрука пред лилјаковите крилца. Најнапред парите, па геополитиката и најсетне хуманост или човештина. Светската здравствена организација треба да се засрами од својата немоќ и од својата помпезност, заедно со Обединетите нации, а и Европската Унија треба да се замисли и да се погледне во огледало. А како граѓанин на Република Северна Македонија, таа Македонија, која помина вистинска голгота во последните три децении, особено во последната декада, би ја прашал и Северно-атлантската алијанса…

Џе си била, бре НАТО алијансо, док ме је ковид љубио и док ме је Вучиќ Крагујевачки или Десанка Максимовички пелцовао?!?

Денес е петок, 23 април, роденден на Вилијам Шекспир и негов смртен ден истовремено.

Сакав јавно да му изразам големо сочувство на Албанскиот театар во Скопје и на целата македонска театарска јавност, како и на неговата фамилија, за големата загуба на Љуран Ахмети, кој прерано замина од овој свет погоден од смртоносната и погана болест на корона вирусот.

Внимавајте, почитувани читатели. Немирите во Белфаст почнаа. Денес во Лондон се закажани големи протести на фудбалските фанови, кои ќе почнат во 19 часот. Кралицата Елизабета само што стана вдовица и е во длабока старост. Ако не се освестиме и глобално и локално, нѐ очекуваат локални траги-комедии, кои ни Шекспир, ни Шекспирица не ќе може да ги напишат.

Post scriptum-1: “Happy St. George’s Day, to everyone that hates Brexit”

(Среќен Ѓурѓовден на сите тие што го мразат Брегзит)

Post scriptum-2: “Today, football is coming home to London”

(Денес, фудбалот се враќа дома во Лондон)

(Авторот е режисер и актер)

 

Поврзани новости