Пет судијки од Управниот суд биле повикани на испрашување во Специјалното јавно обвинителство. Тие, како што денеска обелодени претседателот на Судскиот совет, Жарко Караџовски, биле повикани за пресуда и мислење по пресуда. Тој оцени дека никој не смее да се осмели да испрашува судија за негова пресуда, а СЈО, според него, правело голем притисок.
– Им порачуваме на ЕУ и САД, но и на народот да бидат без грижа ако некој е со намера да не разедини, ние останува заедно. СЈО повикало пет судијки. Не може судија да биде гонет за својата судска работа. Недоличното однесување од одредени субјекти кон нас судиите е поткопување на интегритетот на судиите, а во изминатиот период имаше и голем притисок од медиумите кои работеа или се уште работат на одредени судски спорови, рече Караџовски.
Караџовски нагласи дека на денешниот прес поканил амбасадори од земјите на ЕУ и на САД, но од нему непознати причини тие не дошле. Не дојде ни претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, за која Караџовски рече дека била уредно поканета, ама и таа не дошла.
Во својот говор тој нагласи дека тој и неговите колеги се подготвени за бескомпромисна битка за зачувување на судскиот углед.
На голем број прашања од новинарите на пресот Караџовски одби да одговори. Рече дека тој не добивал инструкции за работа од премиерот како неговата претходничка, дека не ја испитувал работата за наводно дарување накит „сваровски“ во скопска единица бидејќи снимките на опозицијата биле измислени, а за опструкцијата на полицијата кон СЈО за вчерашниот упад во УБК, рече дека не знае, а тоа што го знае го слушнал синоќа на телевизија.