Судијата Владимир Панчевски, неодамнешниот претседател на Кривичниот суд, според неофицијални информации на „Фокус“ поднел 15-на преставки за утврдување на одговорност на негови колеги, судии, пред Советот за утврдување на факти. Според нашите извори, во „битката“ против колегите му се придружиле и актуелната вд претседателка на судот Татјана Михајлова, и уште две судијки, кои се познати по тоа што ја блокираат работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Пред Советот, Панчевски, поднесе и неколку преставки против судијата Иван Џолев, кој му е против кандидат во трката за претседателското место во Основнот суд Скопје 1, по што отворено почна и битката на судиите кои се поделени во два табори.
Советот, откако ќе ги разгледа претставките и ги сослуша судиите, треба да одлучи дали постои основа за барање за утврдување на одговорност на судија. Доколку одлучат позитивно, предметот оди во Судскиот совет, а во спротивно постапката завршува тука.