Весковски: На „тројанскиот коњ“ Стевчо Јакимовски и неговите соработници од ДПМНЕ ќе им се случи Карпошово востание

by Fokus

Времето на Стевчо Јакимовски изминува, но за жал исчезнаа многу паркови, зелени површини, населби и маалски катчиња во Тафталиџе, Карпош 2 ( МИДА ), Карпош 3 и 4. Најубавите и урбани населби во Карпош станаа “заробеници“ на урбаната мафија и бизнис интересите, истакна Душко Весковски, кој веќе четири години е претседател на Општинската организација на СДСМ во Карпош.

– Пред наши очи исчезнаа детските игралишта и џагорот на децата, а на нивно место се издигнаа бетонските столбови со неколку илјади нови станови. Еден од главните проблеми во овие населби е профитерскиот урбанизам кој постепено ги пренамени сите зелени површини и паркови во згради и паркинзи, прво „фиктивно“ на хартија, па потоа и во реалниот простор – тврди Весковски.

Според него, новите Детални урбанистички планови се целосно спротивни на нормалниот просторен развој на овие места.

– Ја уништија животната средина и природа на сметките на скапиот метар квадратен. Многу добро знаеме како во Карпош се добива дозвола за градба и како се додаваат два, три спрата од првично предвидените и проектирани. Од она, што се збори помеѓу граѓаните во Карпош цената која ја плаќа инвеститорот се движи од “гратис стан до гратис спрат“ во зависност од големината и габаритот на објектот. Неплански како печурки се издигаат во најурбаните населби, а да не го спомуваме генералниот урбанистички план кој треба да биде закон за деталниот план на Општината, но и тој не се почитува – објаснува Весковски.

Тој уште додава дека доколку заедно со жителите на Тафталиџе и Карпош 3 и 4 не се бореле против урбаната мафија, сега ќе биле сведоци на бетонизација за секое маалско катче.

– Впрочем затоа општина Карпош стана историски најзагадена општина во Скопје, со високи концентрации на опасните ПМ10 честички, коишто се качија до 25 пати над максималното дозволено ниво. Граѓаните во Карпош со право реагираа и се загрижени за себе и своите децата. Јакимовски молчи за алармантното загадување, се крие од граѓаните и како главен виновник ги посочува соседните општини. Искрено се прашувам зарем некој повеќе верува на овој човек!? Само да го потсетам него и општинските власти од Карпош дека на граѓаните им ветија дека ни педа зеленило нема да се уништи во општината! Каде е сега нивниот збор, како ќе им излезат пред очи на граѓаните вели општинскиот претседател на СДСМ.

Според него, граѓаните на парламентарните избори кажале не за корумпираните и несовесни политичари и порачале дека сакаат одговорни власти што ќе се грижат за нивните реални проблеми и потреби.

– По промените на парламантарните избори ќе има промени и на локалните власти. Ќе го намалиме загадувањето и ќе се заложуваме за квалитетен воздух и живот. Ќе направиме ревизија на сите донесени ДУПови во последните четири години, а граѓаните ќе ги вклучиме во донесувањето на одлуките каде заедно ќе го штитиме јавниот интерес. Зелените површини и паркови заедно ќе ги обновиме, бидејќи тие се симболот на Општината. Ветуваме, Карпош повторно ќе биде чиста и зелена општина -тврди Весковски.

 На прашањето дали постојат шанси да се кандидира за градоначалник на општина Карпош, тој тврди дека ако ја добие поддршката од членството, како и од централата и партиските органи, тогаш ќе се нафати на оваа функција со цел да му се стави крај на „башибозукот“ на Јакимовски и на неговите партнери од ДПМНЕ.

И.М.

 

 

 

Поврзани новости