Две службенички од Министерството за труд и социјална политика досега биле на распит во Јавното обвинителство во рамки на предистражната постапка која беше отворена по допрен глас за сомнежите дека се бара мито за да се посвои дете – објави Телевизија 24, повикувајќи се на извори од Обвинителството.
Како што објави телевизијата, сослушани се службеничката која беше директно посочена дека побарала пари и уште една службеничка која била повикана во својство на претставник на министерството.
Се истражуваат обвинувањата кои скопјанката Кузманова, ги упати кон конкретни лица од министерството. Таа минатиот месец во камерата на Тв 24 тврдеше дека во 2013-та година и биле барани 2000 евра кеш за да го добие финалниот потпис за да стане законски старател, пари кои таа првично се согласила да ги плати мислејќи дека се легални и дека се уплаќаат на шалтер. Кузманова тврди дека детето и било одземено од страна на социјалните работници бидејќи не ги дала парите, а потоа била обвинета и експресно осудена за семејно насилство.