Нејасно е зошто податоците за телефонските броеви на „Телеком“ операторите ги предале отворени, а не заштитени при пренос од кај нив до Јавното обвинителство, рече вештото лице од областа на информатичката технологија, сослушано како сведок на одбраната на денешното судење за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Вештакот Мирослав Котевски рече дека од вештачењето заклучил одредена неконзистентност на обвинителството, односно утврдил 19 мобилни телефони за кои нема барање до операторите, а ги има во листинзите како докази.
– Од 168 броеви евидентирани во доказите, бројот за кој се вели дека е на Спиро Ристовски има комуникација само со шест мобилни, а од двата броја за кои се вели дека се на Миле Јанакиески со првиот има со пет, а со вториот само со два од сите 168 броја, изјави вештото лице.
Прашан во однос на мобилниот број за кој се вели дека е на Спиро Ристовски, вештакот рече, дека на 27 април 2017 година од податоците од ВИП има направено вкупно 30 комуникации од кои 25 се смс, а пет разговори, а од Телеком 74 смс пораки, една ммс, 11 приклучоци кон Интернет и 24 разговори.
– Податокот за телефонски повик од Александар Василевски Нинџа до Спиро Ристовски на 27 април 2017 година, во 20:29 кој е даден во доказот 53, не можев да го најдам во листинзите од мобилните оператори. Како техничко лице, за мене е чудно како за еден ист разговор има запис на листингот за еден, а го нема на листингот на другиот број. Претпоставувам имало само ѕвонење, но не и воспоставен повик, изјави вештото лице.
Телеком операторите, посочи сведокот, не е јасно зошто електронските фајлов ги предале отворени, не заштитени при пренос од кај нив до ЈО.
– Отворен документ значи дека секој има можност на нивна промена и обработка со алатки без да се остави дигитален отпечаток, изјави сведокот.
Прашан за движењето на бројот на Александар Василеваки Нинџа на 27 април 2017 година од 16 до 23 часот, вештакот рече дека првпат е лоциран на базната станица на ССМ, околу 16 часот, потоа на новата базна станица на Телеком, односно се движел по кеј до плоштад.
– Од 18:30 до 21 часот се регистрира на базната станица на АРМ, за на кратко да биде регистриран на Жена парк и потоа северно кон ГТЦ и зградата на ССМ, изјави вештакот.
Следно се конектира во 22 часот на Алмако и базната станица на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Нинџа пак тврдеше дека во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ бил во 18 часот и таму останал до 19 часот.
Во судница е присутно и вешто лице, форензичар од ОЈО.
Претходно на денешното рочиште како сведоци на одбраната беа сослушани поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, кој од 2016-2017 година бил член на Извршен комитет и партиски координатор на неколку општини, како и сведокот Владимир Неловски, кој бил лидер на Унија на млади сили и член на Извршен комитет на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.