Д-р Ангел Стојановски: Подобро во пижами дома, отколку во ковид центар за новогодишниот дочек!

by fokus

Во пресрет на новата година, кога човештвото зад себе ја остава 2020, која ќе биде запаметена по пандемијата, по огромните човечки загуби и новиот начин на живот на планетата, се уште се актуелни поплаките поради неможноста да се слави новогодишниот дочек во локали и да се прават големи собири. Мерките со цел заштита од вирусот, на голем дел од јавноста и се тешко прифатливи, и покрај тоа што досега починаа дури 2.314 лица од последици на Ковид-19. Помеѓу починатите има 21 здравствен работник.

За многу од здравствените работници, кои се во првите редови во битката со пандемијата, како и во годините наназад, дочекот и годинава ќе им помине во работна атмосфера, со пациентите.

Д-р Ангел Стојановски, специјализант по дигестивна хирургија, е еден од бројните медицинари кој 2021 ќе ја дочека во болница, во ковид центар.

За ,,Фокус” вели дека добро е тоа што за новата година, и покрај тоа што ќе биде во болница, ќе биде облечен во скафандер, наместо во болнички пижами, што е случај со голем број на граѓани ширум светот.

Открива дека ова е трета нова година која ја дочекува помеѓу пациентите, и апелира народот да има разбирање за здравствените работници, но и да се покаже одговорност со начинот на кој ќе се слави, за да и се помогне на заедницата во справувањето со вирусот.

– За неколку денови е новогодишната ноќ. Ноќ како и сите останати, барем за мене и многу други здравствени работници.
2019 година ја дочекав во ургентен центар, 2020 на Клиника за дигестивна хирургија во операциона сала, а 2021 ќе ја дочекам во ковид центар, ама за среќа не во пижами, туку во скафандер! А вие немате право да се жалите ако оваа ноќ ја поминете во кругот со вашето најтесно семејство. Верувајте забавите можат да почекаат, ќе ги има многу… Подобро да носите пижами по дома, отколку во ковид центар- вели д-р Стојановски.

Појаснува дека годината што изминува на некој начин била како година на тешка војна, во која медицинарите војувале против вирусот. Многу од нив ја изгубија битката, со цел да го заштитат човештвото, не штедејќи се себе и своето здравје, запоставувајќи го приватниот живот, изолирани од семејствата, внимавајќи да не ги изложат на опасност. Посветено се грижеле за пациентите, а за жал во земјава дури 21 здравствен работник од почетокот на пандемијата не се избори со ковидот.

-Двојната 20-ка многу ветуваше. Кој можеше да претпостави дека само за неколку месеци ќе ни се променат животите. Дека ќе живееме во страв, изолирани од луѓето кои што не прават среќни, дека нема да ги видиме родителите неколку месеци.

Секојдневните работи ни станаа луксуз. Периодов што помина, беше војна, но не класична војна со војници и оружје. Војна со лекови. Војна помеѓу здравствените работници и вирусот. Секоја војна завршува на преговарачка маса, но тука нема со кого да се преговара – вели д-р Стојановски.

Додава дека верува во вакцината против Ковид-19 и на неа гледа на начин кој ќе помогне животот полека да започне да се враќа во нормала.

-Нестрпливо го чекам моментот кога ќе започне вакцинацијата. Верувам во неа. Искрено се надевам дека конечно ќе ставиме крај на војната и ќе почнеме да живееме нормално. Да бидеме одговорни и стрпливи, за побргу да дојде крајот на ова зло – изјави докторот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости