Осудениот екс премиер Никола Груевски заработува и додека е во бегство. Неговата книга ,,Искуства за иднината” која беше промовирана во мај годинава, на Саемот на книгата во Скопје, само од првото издание заработи над 13.000 евра, а сега веќе во печат излезе и изданието на англиски јазик.
Книгата е всушност неговиот докторски труд на тема ,,Економските ефекти на различните видови на меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“ одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со што тој стана доктор по економски науки.
Според издавачката куќа ,,Ѓурѓа” за изданието на англиски јазик огромен интерес пројавиле голем број на светски библиотеки и најпознати универзитети.
-Книгата на Д-р Никола Груевски, ,,Искуства за иднината”, која на македонски јазик беше промовирана на овогодишниот Саем на книгата, сега пред читателите е и изданието на англиски јазик.За изданието на англиски јазик голем интерес пројавија најголемите библиотеки во светот, како и најпознатите светски универзитети. Преводот е на нашата соработничка Катерина Талеска, а лекторирањето на текстот го изврши професорот Кевин Холанд. Рецензенти на книгата се Проф. Д-р Михаил Петковски и Проф. Д-р Живко Поповски – информираат од ,,Ѓурѓа”.
За ,,Фокус” открија дека англиското издание на книгата е испечатено во 500 примероци. Кога беше промовирана книгата во мај, сопственикот и основачот на издавачката куќа ,,Ѓурѓа”, Никола Костески, ни откри дека книгата била испечатена во 1.000 примероци во мека подврска, кои се продавале по цена од 300 денари, и во 1.000 примероци со тврди корици, кои се продавале по цена од 500 денари. Од првото издание се очекуваше заработка од околу 13.000 евра, а издавачот ни изјави дека најчесто на авторите им се исплаќал хонорарот на сметка, но имало и автори кои не сакале пари, туку одреден број на примероци од книгата.
По завршувањето на саемот, од издавачката куќа излегоа со листата на најпродаваните книги, а Груевски беше лидер. Зад него се најдоа Хитлер, Путин, Фројд, Вортон, Љубчо Георгиевски и други автори чии дела беа изложени на штандот. Веднаш потоа беше најавено и второ издание на книгата поради интересот на јавноста. Сепак, Костески вели дека не станува збор за второ издание, туку за дополнување на тиражот, поради големиот интерес од страна на дијаспората.
-За да има второ издание издание потребни се неколку услови: Првото да е проширено со нови податоци, изменето во содржината, а проширувањето и дополнувањето да е од суштинско значење. Доколку се печати во иста форма станува збор за допечатување, односно, дополнување на тиражот. На пример, ,,Мојата македонска приказна” од Љубчо Георгиевски, има и второ издание. Но, првото и второто се разликуваат. Некаде прочитав дека ,,Вештица” од Венко Андоновски доживеала 15 изданија. Притоа, ни запирка во текстот не е додадена или избришана. Тоа се евтини издавачки трикови, слични на криењето на тиражот на весниците. Забава поради недостаток на критична маса. Инаку, во светот само три публикации имаат ново издание секоја година: Енциклопедија Британика, Вебстер и Ларус. Да, ние допечативме потребен број примероци, онолку колку што беа потребни да се задоволат секојдневните барања на читателите. Особен интерес покажаа луѓето од дијаспората – ни изјави Никола Костески.
Вики Клинчарова