Судскиот совет вечерва, на полноќ, ќе оддржи итна седница, откако денеска беше уапсен судијата од Врховниот суд, Наке Георгиев.
Тој беше уапсен поради сомнение за примање мито, но бидејќи има имунитет на кој се повикал, сега на потег е Судскиот совет.
За непречено водење на кривичната постапка имунитетот може да му го одземе само Судскиот совет. Исто така Судскиот совет треба да даде и согласност доколку обвинителството бара да му се одреди мерката притвор, бидејќи за делото за кое се товари е запретена затворска казна до пет години.
Од МВР денеска информираа за кое дело е осомничен судијат, кој неофицијално бил уапсен за мито од 10.000 евра.
– Денеска (20.05.2024) лишен од слобода е судија од Врховен суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело `Примање награда за против законито влијание`.
Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител, соопштиjа од МВР.
Георгиев минатата година се кандидираше за член на Судскиот совет, но си поднесе оставка бидејќи неговиот син беше избран за судија.
Оставката следуваше по неколкудневни кавги во Судски совет дека не е законски тој како член на Судскиот совет да го бира неговиот син за судија.
Наке Георгиев се кандидираше за член на Судскиот совет како единствен кандидат од Врховен суд, а поддржувачите од Советот, му ја запреа постапката за разрешување.
За истата работа за која беше претставката, тројца апелациони судии од Штип беа разрешени, но тој се спаси.
Валентина Вурмо