МВР денеска информира дека е поднесена кривична пријава против сопственикот на дивоградбата кај Мавровка. Според иницијалите, станува збор Мевлудин Алити, сопственикот на кафулето Фонтана, за кој веќе пишуваше неделникот „Фокус“.
Додека името на сопственикот се чуваше во тајност, „Фокус“ објави дека мистериозниот инвеститор е 34-годишниот Мевлудин Алити, на чие име и гласи имотниот лист на парцелата.
-Единица за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М. А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на булевар Гоце Делчев на платото пред ДТЦ Мавровка.
Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал во координација со ОЈО- Скопје беа преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а „Бесправно градење” од КЗ и по целосно документирање на случајот денеска до ОЈО – Скопје е поднесена соодветна кривична пријава, информираат од МВР.