АРХИВА: Фантомскиот инвеститор го приватизираше и државното земјиште кај Мавровка

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, во број 1298, на 19 август 2020 година.

Сите знаат кој гради дивоградба кај Мавровка, која требало да израсне во трикатница, но никој не смее да го изговори името на инвеститорот. Сопственоста на парцелата е позната, истиот сопственик не пријавил дека некој му го узурпирал земјиштето, но и понатаму сите се чудат кој е мистериозниот лик. Но, се чини, ова и не е толку голем проблем! Вистинското прашање се крие во тоа на кој му текна да дозволи приватизација на државна парцела на таква локација? Од тука тргнуваат сите проблеми!

Пишува: Валентина ВУРМО

Точно една недела им беше потребна на градските власти да откријат кој успеа ноќта на 30 март да го исече дрвото пред трговскиот центар „Мавровка“, односно пред кафулето „Фонтана“. Дивиот сечач беше уловен на камерите поставени на најблиската раскрсницата, по што доби казна од 5.000 евра.

Но, за разлика од овој експресно решен случај, веќе два месеца надлежните не можат да откријат кој гради бетонски објект на неколку ката, на истата локација, на површина од над 300 квадратни метри.

Најпрвин сите се правеа дека не гледаат што се случува во центарот на градот, а откако беа приморани да видат-занемеа. Не смеат по никоја цена да го изустат името на инвеститорот.

Најповиканиот, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, откако најпрвин тврдеше дека не знае кој се дрзнал да гради без одобрение за градба, подоцна призна дека го дознал градителот по приватни канали, и му пратил абер да дојде во општината, но тој не го удостоил со своето присуство.

Но, ниту тој не се осмели да го изусти името на мистериозниот инвеститор. Топката ја префрли во МВР, коментирајќи дека тие се задолжени за идентификација на лица! Или во превод, тој не бил полицаец, туку градоначалник, па што му е гајле што некој си замислил на „диво“, без одобрение за градба, да изгради зграда во негова општина!

КАКО ГАНИУ ЈА СМЕНИ ПРИКАЗНАТА?

Градбата почна кон крајот на јуни, кога беше видливо дека се креваат бетонски столбови. На истото место, пак, претходно се наоѓаше кафулето „Фонтана“, кој целосно изгоре во пожар ноќта на 1 мај.

Првичните неофицијални информации од МВР беа дека пожарот можеби бил и подметнат, како дел од пресметка на две криминални банди, бидејќи не беше првпат кафулето да е нечија цел на напади. Во февруари 2019 година беа поставени две експлозивни направи кај објектот, од кои едната експлодираше и предизвика материјална штета.

Бомбашите не беа најдени, а не добивме информација и како се затворил случајот со пожарот. Дали бил несреќа или подметнат? Како и да е, како што неофицијално дознаваме, на крајот сопственикот на кафулето си добил обесштетување од осигурителна компанија.

Откако се расчисти јагленосаното кафуле, набргу почна да се надѕира и бетонската конструкција. Градоначалникот Ганиу смируваше дека ништо не е спорно, дека „тази дупка, не е дупка“, односно дека не се гради објект, туку се враќа кафулето во првобитна состојба како пред пожарот и за тоа е издадена дозвола.

Ве уверувам дека нема да се гради никаков објект, кафуле ќе си биде како што беше. Нашите инспектори беа на терен и се постапува соодветно, изјави Ганиу за порталот „Сакам да кажам“.

Но, откако градбата доби на интензитет, а веќе се подготвуваше и плочата, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, информираше дека уште на 9 јуни реагирал до надлежните инспекторати, со коментар дека „На градежното дивеење кај Мавровка мора да се стави крај“.

Но, потоа, топката повторно се префрли во општина Чаир, бидејќи Градот Скопје нема ингеренции за да руши ваков тип дивоградби.

Град Скопје нема никакви ингеренции во градежната инспекција. Оние малку ингеренции што ги имаме за надзор на градилиште и тој тип на надлежности ги искористивме со цел да направиме записник за тоа градилиште, да изречеме казна на несовесниот градител и за тоа соодветно да ги известиме надлежните институции. Тоа се Општина Чаир, дека станува збор за дивоградба со оглед на тоа што нашиот Инспекторат не најде валидна документација, Инспекцискиот совет како надзорен орган кој врши надзор врз градежната инспекција на Општина Чаир и МВР, Сектор за економски криминал, изјави градоначалникот Шилегов.

И Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам реагираше дека дивоградбата е објект од втора категорија и поради тоа е под надлежност на општината. Директорот Локман Љимани  потенцираше дека биле во општината за да видат зошто никој не реагира, ама не наишле на соработка.

НЕМА КОЈ ДА ЈА СРУШИ ДИВОГРАДБАТА

Набргу на прес-конференција се појави градоначалникот Ганиу, кој откри дека на 10 јули Градежниот инспекторат утврдил дека објектот нема дозвола за градба и издал решение за уривање. Но, бидејќи не можеле да утврдат кој е инвеститорот, ниту изведувачот, објавиле оглас непознатиот сопственик сам да си го урне објектот!

Бидејќи сопственикот мудро си молчеше, општината, како што налага процедурата, објави тендер на кој бараше фирма за уривање на бесправно изградени објекти.

Но, ниту на првиот, ниту на вториот, не се јави ниту една заинтересирана фирма, по што општината најави дека ќе оди на трета мајка. Сега со зголемување на вредноста на тендерот за кој беа предвидени еден милион денари, ќе се стимулираат фирмите – „мечка страв, мене не страв“, да се охрабрат и да ја урнат дивоградбата на мистериозниот инвеститор.

Од општината појаснија дека во тендерот нема да има никакви ограничувања или критериуми и дека ќе го распишат до крајот на неделата.

Согласно извршените консултации и врз основа на Законот за јавните набавки, Општина Чаир пристапува кон зголемување на процентната вредност на јавната набавка како единствен можен механизам поради непредвидените настанати околности за поттикнување на учеството на економските оператори во постапката. Ќе се отвори нова постапка за јавна набавка без никакви ограничувачки критериуми, истакнаа од општината.

Она што е нејасно е што доколку никој не се охрабри да се пријави, ниту на третиот тендер? Дали ќе се оди во недоглед со барање на други  фирми или, пак, постои и некое друго решение?

Упатените велат дека едно од решенијата е да и се одземат ингеренциите на инспекцијата од општина Чаир и да му се препушти на Државниот инспекторат да ја руши дивоградбата.

ИМОТНИОТ ЛИСТ  Е НА ИМЕ НА СОПСТВЕНИКОТ НА „ФОНТАНА“

И додека се бара јунакот за рушење, од МВР и обвинителството, под дрво и камен, го бараат фантомот кој се дрзна на диво, во најтесното градско јадро и пред очите на целата македонска  јавност – да гради.

Од МВР информираа дека го известиле обвинителството за превземаните активности, срамежливо признавајќи дека имаат „основи на сомнение за можниот сторител“.

Од скопското обвинителство, засега, не откриваат детали, посочувајќи дека се дадени дополнителни насоки за постапување на инспекторите од Единицата за економски криминал.

По мало пребарување на сајтот на Катастар, се доаѓа до податок дека сопственик на катастарската парцела 8891/27, на која што е распослана дивоградбата е  Мевлуди Алити. Истата личност е сопственикот и на кафулето „Фонтана“ кое изгоре.

„Фокус“ не успеа да стапи во контакт со 34-годишниот Алити, а засега е непознато дали со него веќе контактирале од МВР.

Со оглед на тоа дека парцелата е негова, логичен заклучок би бил и дека е тој мистериозниот инвеститор. Сепак, постои можноста некој друг да гради на неговата парцела, но во таков случај се очекуваше Алити да излезе во јавноста или да пријави дека на неговата парцела некој бесправно гради.

Бидејќи јавноста побрза да го пронајде инвеститорот, низ социјалните мрежи, но и дел од медиумите кружеше информацијата дека инвеститор е сопственикот на „Моно трејд“, повикувајќи се на имотен лист од Катастар.

„Фокус“ стапи во контакт со сопственикот  Неби Аљими, кој истакнува дека тој нема никаква врска со дивоградбата, а тоа се заклучува и по анализа на имотните листови кои тој ги поседува. Односно тој има имотен лист за подземната парцела.

Јас имам имотен лист за подземната парцела, односно за паркингот во „Мавровка“ и немам никаква врска со парцелата на која се гради. Сето ова е лесно докажливо само ако се погледне документацијата од Катастар, ни изјави Алими.

Алими е долгогодишен успешен бизнисмен, кој вели дека не му било сеедно неговото име да се валка, а претходно никој не го прашал за коментар.

СПОРНА Е И САМАТА ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ПАРЦЕЛАТА?

И додека надлежните го бараат фантомот, прашањето што се наметнува, е како воопшто е можно ваков тип на парцела да биде приватизирана? Колку за споредба, упатените велат дека приватизацијата на оваа парцела е исто како некој да си присвои парче од Градскиот плоштад или од булевар.

Токму затоа испративме неколку прашања во општина Чаир, поточно го  прашавме градоначалникот:

-Кога, како и врз кој основ е приватизирана парцелата кај ТЦ Мавровка, а на која во моментот се наоѓа дивоградба?

-По која цена е откупена парцелата?

-Во чија сопственост е парцелата, на која во моментот има дивоградба?

Но до затворање на неделникот не добивме одговор на нашите прашања, а градоначалникот Ганиу не одговараше на нашите телефонски повици.

Во недостиг од официјални информации, „Фокус“ неофицијално дознава дека минатата година општината му издала имотен лист на сопственикот на „Фонтана“, Алити.

Од лице место дознавме дека за терасата на поранешна „Фонтана“ била формирана катастарска парцела под број 27, односно ако дотогаш постоеле парцелите 8891/2, 8891/3 и така натаму, била создадена и 8891/27.

Од обвинителството за „Фокус“ велат дека најпрвин се работи на точно утврдување на идентитетот на инвеститорот, а потоа ќе се разгледа и делот околу начинот на приватизацијата на парцелата.

И додека сите „истражуваат“ на терен ситуацијата е мирна. Веќе подолго време ги нема работниците, кои според неофицијалните информации на „Фокус“, требало да изградат трикатница. Шпекулациите се дека во новата градба било предвидено кафуле, а за останатите два ката биле замислени како деловни простории во кои требало да се всели некоја банка, но тука била идејата и за хотел.

„Рекла –казала“ муабетите одат дотаму што се тврди  дека инвеститорот имал поддршка за градбата од политичката партија ДУИ. Рака на срце, не видовме дека од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои исто така имаат советници во општина Чаир, нешто се потресоа околу овој случај. Излегува  дека сите знаат, ама молчат!

Нашите соговорници од терен уверуваат дека дивоградбата нема да се урне. Велат дека се убедени дека ќе се најде начин да се оствари првото сценарио, односно, откако ќе спласне прашината (и ќе се состави владата), објектот ќе продолжи да се гради и ќе се легализира.

Од друга страна, пак, останува и да се држи за збор градоначалникот на Чаир, кој ја уверуваше јавноста дека објектот ќе се сруши.

-Нормално дека ќе го урнеме објектот, изјави неодамна Ганиу.

Многу бргу ќе се види дали ова биле само празни зборови и дали ќе продолжи градежното дивеење во Чаир!

И УПРАВАТА ЗА ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА  ИСТРАЖУВА

Освен МВР, случајот го истражува и Управата за финансиска полиција.

Како што неофицијално дознаваме, тие преку патот на парите се обиделе да дознаат кој гради, но засега, сите обиди се безуспешни. Имено на работниците, односно на фирмата која била ангажирана да гради, досега не и биле исплатени пари на сметка од страна на инвеститорот.

 

 

 

 

Поврзани новости