Мијалков и Тачи осудени на по две години затвор за „Титаник 2“

by fokus

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и лидерот на ДПА Мендух Тачи, се осудени на две години затвор за случајот „Титаник 2“. Пресудата денеска беше објавена во Кривичниот суд, а истата затворска казна им беше изречена и на обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.

Мијалков со задоцнување беше спроведен од затворот од Струга, иако неговото присуство во судницата не беше задолжително.

Кривичното дело за кое е осуден Мијалков, „Примање награда за противзаконито влијание“, му застарува за три месеци, или во април 2023 година. Ова значи дека доколку дотогаш пресудате не стане правосилна, односно потврдена од Апелација, тогаш казната затвор од две години паѓа во вода. Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.

За овој случај Мијалков веќе еднаш беше осуден на тригодишна затворска казна, но првостепената пресуда беше укината од Апелација, по што судењето се врати од почеток.

Тачи и поранешните членови на ДИК претходно се гонеа за „Злоупотреба на службена положба и овластувања“, но обвинителот Гаврил Бубевски во завршните зборови направи преквалификација на делото, па обвинетите сега се осудени за „Повреда на избирачкото право“ , иако описот на противзаконските дејствијата останува непроменет.

Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

В.В.

Поврзани новости