Мајката на Пино за можниот мотив за убиството

by fokus

Маја Трпковска, мајка на свирепо убиеното момче Пино Секондо (26) денес треба да пристигне во Скопје од Италија, каде што долги години живее и работи. За ,,Фокус” раскажува дека нејзината борба сега почнува, и како до последен здив ќе се бори правдата да биде задоволена, а убијците на нејзиното дете да ја добијат заслужената казна.

Според МВР и обвинителството, отворена е истрага за едно, а пријавени се две лица во врска со случајот кој ја потресе јавноста. Осомничениот Ф.А. 27-годишен жител на Скопје, делото убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот.

Тие заедно со патничко моторно возило „опел аскона“ пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди Секондо веднаш починал. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во село Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе.

Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот – е информацијата од обвинителството.

Девојката со иницијали А.Ѓ. за која мајката уште на почетокот, кога пред околу шест месеци исчезна Пино, се сомневаше дека е вмешана во неговото исчезнување, била сослушана и пуштена дома.

-Ова што му се случи на моето дете, може да му се случи на било кое дете, без разлика на пол или етничка припадност! Ако во тек на оваа недела не видам конкретни резултати од државата, во сабота ќе протестирам. Навремено ќе бидат известени сите медиуми и целата јавност за времето и локацијата на протестот. Вистината и правдата мора да се истераат до крај! – раскажува Трпковска.

Ни одговори и на прашањето кој бил мотивот за убиството, односно дали таа има било какви сознанија.

-Не знам зошто го убиле. Не знам… Која и да е причината, не се убива човек! Не се остава дете во шумата, животни да го распарчат! Ова можат да го направат само монструми. Девојката е психопат. Можеби се надевала на нешто со Пино, можеби на подобар живот, бидејќи е социјално и економски нестабилна, но сфатила дека нема шанси со него. И сега, после се, таа е дома. Да ги прашам, каде ќе им оди душата? Детето ми го распарчија животни, само четири коски има од него… Зошто не го фрлија одма на улица, да го најдеме телото? Мислам дека дури да го стореа тоа, немаше да бидам вака огорчена – ни изјави мајката.

Блиски луѓе на Пино го опишуваат како доста одговорна личност, младо момче кое било поврзано со семејството, секојдневно одело на работа, се грижело за таткото кој имал здравствени проблеми. И негови колеги, со кои разговараме, беа во шок од првичната вест за неговото исчезнување. На приказните дека најверојатно побегнал од дома, дека бил проблематичен и слично, без двоумење одмавнуваа со рака.

-Пино не е таков, сигурно нешто лошо му се случило – уште лани во декември, кога момчето исчезна во разговор ни открија негови колеги, супервизори кои работат на изградбата на автопати, каде и самиот Пино долги години бил вработен. И мајката во повеќе наврати обвини дека полицијата не ја сфаќа сериозно, под образложение дека момчето е полнолетно, па можеби самото заминало од дома. Таа одржа повеќе протести на кои ги бараше одговорите од надлежните, но исто така бараше и сериозен пристап кон случајот, обидувајќи се да докаже дека на нејзиното дете му се случило нешто лошо и не е заминато по своја желба. Јавно апелираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да се појави на протестите и пред присутните да одговори на прашањата поврзани со истрагата, но тој не се појави ниту на еден протест.

Вики Клинчарова

Поврзани новости